Американскиот претседател, Доналд Трамп, се закани дека ќе испрати агенти од службата за имиграција и царини (Immigration and Customs Enforcement – ICE), на аеродромите, доколку не се постигне договор за финансирање на Министерството за внатрешна безбедност ( Department of Homeland Security -DHS).
„Ќе ги преместам нашите брилијантни и патриотски ICE агенти на аеродромите, каде што ќе вршат безбедност каква што никогаш досега не е видена“, напиша Трамп на Truth Social.
Министерството за внатрешна безбедност е без финансирање од средината на февруари, откако Конгресот не успеа да постигне договор — оставајќи го редовното обезбедување на аеродромите без плата.
Предлог-закон кој требаше да го финансира министерството и да обезбеди исплати за агентите на Администрација за безбедност во транспортот (TSA) не успеа да помине во Сенатот во петокот.
Администрацијата на Трамп ја обвини за доцнењето Демократската партија, која одбива да го поддржи финансирањето без реформи во Службата за имиграција и царини, која функционира во рамките на Министерството за внатрешна безбедност.
Поради застојот, илјадници вработени во администрација за безбедност во транспортот работат без плата повеќе од еден месец.
Повеќе од 300 вработени наводно дале отказ во тој период, а американските медиуми јавуваат дека непланираните отсуства се повеќе од двојно зголемени.
На аеродромите се формираат долги редици, а синдикалните претставници велат дека некои службеници земаат и втори работи.
„Немаат пари за градинка, немаат пари за храна. Само сакаат да знаат зошто, по ѓаволите, не можат да бидат платени кога имаме пари да испраќаме ракети во други земји“, вели синдикалниот претставник на овие луѓе, Џони Џонс .
Службата за имиграција и царини има клучна улога во заострената имиграциска политика на администрацијата на Трамп, спроведувајќи илјадници апсења откако тој се врати во Белата куќа во јануари 2025 година. Нивните тактики предизвикаа силни критики од Демократите, организации за граѓански слободи и невладини организации.
