За среќата е потребно малку, сепак општествените и економските причини, како и употребата на социјалните мрежи во денешно време може директно да влијаат дали еден човек ќе биде среќен или несреќен.
Најсреќните луѓе се во Финска, а најнесреќните се во Авганистан, Македонија се наоѓа на 82-то место, по неа се Бугарија, Грција и Албанија. Статистички гледано, според најновиот светски извештај за среќа највисоко на листата се скандинавските земји, заедно со Коста Рика која е на четвртото место. На Балканот најсреќни се граѓаните на Косово кои се на 16-тата позиција, а за две места подолу се Словенците. Србија пак е на 30-то, Босна и Херцеговина на 47-то место, додека Хрватска на 70-то место.

Ги прашавме граѓаните дали се чувствуваат среќни, дел од нив одговорија позитивно, додека дел од нив сметаат дека има фактори кои може да влијаат.
Анкета на граѓани
„Јас лично се чувствувам среќна, меѓутоа за да се чувствувам посреќна, начинот на живот на луѓето е многу сменет. Ова што го гледате сега, да вака е убаво, меѓутоа во секојдневниот живот го нема она човечкото, исчезнато е. Љубомората, трката со пари, но мислам дека тоа е во начинот на живот. Трчајќи по исполнување на тие вредности, од тоа како си облечен, дали имаш направено усни, или слично, со сето тоа младите се споредуваат со тие работи, што порано како млади, ние тоа го немавме. Мислам дека во тој дел се набиваат некакви комплекси кои потоа ги прави несреќни без потреба“, вели анкетирана жена.
„Имаме мали плати и пензии и затоа сме несреќни“, додава друга анкетира жена.
„Имам се што сум посакала, доволно ми е. Се влијае околу нас, влијае врз нас, но и од нас зависи колку ќе дозволиме да влијае на нас самите“, изјави трета анкетирана жена.
„Среќен сум затоа што имам фамилија и другари тука, ама генерално условите не се добри, не сме на ниво, не е добар стандардот“, вели анкетиран маж.
Иако економскиот стандард е важен, вистинската среќа на еден човек се гради и од социјалната поддршка, слободата на одлучување, но и доверба во заедницата и институциите кои се поттик за подобро општество, фактори кои многу често тежат повеќе од парите на банкарската сметка.
Теа Димковска
