Директорот на земјоделскиот инспекторат Анакиев од синоќа е во Шутка, нa веб сајтот на Инспекторатот се уште е на функција за која надлежна е владата. Барал 100 илјади евра мито за пропуштен транспорт на земјоделски производи.
Од синоќа е во Шутка, а судот му определи 30 дена притвор откако во истрага за мито му беа најдени 50 илјади евра под совозачко седиште за кое обвинителството и полицијата тврдат дека се мито барано од увозник на земјоделски производи. Васе Анакиев, директорот на Државниот инспекторат за земјоделство е осомничен за кривично дело примање поткуп бидејќи на увозник му барал 100 илјади евра за да издаде дозвола за увоз на стока која многупати претходно била увезувана.
Според обвинителството, Анакиев на средба со шпедитерот и увозникот побарал пари за одобрениот увоз, но и за сите наредни увози на истата стока. Стоката била пропуштена во Македонија преку друг граничен премин, а првата рата од 50 илјади евра му била однесена на директорот завчера од страна на шпедитерот. Парите при апсењето на Анакиев биле најдени во неговиот автомобил и биле сокриени под совозачко седиште.
Уапсениот и веќе притворен директор, на официјалниот сајт на Инспекторатот се уште стои како функционер со неговата биографија. На функцијата како вршител на должност е поставен летото 2024-та, по промената на власта, а како директор е назначен на владина седница во февруари 2025-та.
Неговата функционерска судбина треба да ја одлучува владата по продолжениот викенд, а во претходниот сличен случај со митото за злоупотреба на средства од ИПАРД, директорот беше експресно сменет.
За помалку од 5 месеци, ова е втор скандал во ресорот земјоделие со барање и примање поткуп или награди, па вчеравечер ресорниот министер Цветан Трипуновски во Росоман во изјава за локалната КТВ посочи дека нема да има алиби за криминални дејствија и ги повика земјоделците и фирмите да пријавуваат вакви случаи.
-Мојот став е јасен и непроменет, секој што постапува спротивно на законите и ги злоупотребува институциите за лични интереси мора да одговара. Ги охрабрувам сите земјоделци и граѓани, доколку имаат сознанија за злоупотреби, манипулации или за било какви незаконски дејствија, веднаш да ги пријават, а за конкретниот случај го осудувам додека на него работат МВР и судските власти, изјави Трипуновски.
Притворениот Анакиев беше потпретседател на Социјалистичката партија- СПМ, која е дел од владечката коалиција, но на партискиот сајт нема слика и податоци од него иако има фотографии од неговите активности. СПМ реагираше дека очекува воспоставување на правна држава и одговорност во работењето на секој поединец и институција, но го осуди нападното партиско етикетирање и медиумски написи со кои се гази човековото достоинство.
Миомир Серафиновиќ
