Вести Македонија Топ вести

Додека на социјални категории им се дели храна на улица, на други им се зголемува непотребно хонорарот

Корупцијата во јавните набавки во Северна Македонија останува сериозен системски проблем кој директно го поткопува владеењето на правото и води кон нерационално трошење на народните пари. Најновото истражување за надзор на јавни набавки од Центарот за граѓански комуникации открива шокантни примери каде грижата за јавното добро е во втор план, а институциите реагираат бавно или воопшто не реагираат.

Една од студиите на случај покажува дека хуманитарна помош која е потребно да се обезбедува преку топли оброци и треба да се дели во соодветни простории всушност се дели на улица. Станува за случај во кој државата преку Министерство за социјална политика плаќа 1,5 милион евра за народни кујни кои во реалноста не постојат. Иако тендерот предвидува достоинствено сервисирање во соодветни простории, на 7 од 9 локации храната се дели директно на улица, честопати на дожд и ветер. Наместо планираните два часа за послужување, комбињата се задржуваат едвај 15-тина минути, изложувајќи ги граѓаните во социјален ризик како што е стигматизација и понижување.

Дополнително, државата плаќа по 239 денари за оброк, каде според истражувањето во Тетово истиот чини 105 денари, а на терен е забележано дека често недостигаат супа, овошје или сирење, додека грамажата на лебот е драстично намалена. Министерството, според студијата одбива да ги соопшти локациите и бројот на корисници, прикривајќи ја реалната состојба.

Дополнително додека социјалните случаи чекаат на улица, реконструкцијата на поранешната зграда на „Комерцијална банка“ се претвори во финансиска дупка без дно. Проектот, кој требаше да трае 18 месеци, влегува во третата година со потпишани дури 51 анекс-договор. Вредноста на тендерот е незаконски зголемена за 32% (околу 2,1 милион евра), надминувајќи го законскиот лимит од 20% за измени. Поради сериозни пропусти во проектната документација, дури 49% од првичната спецификација е променета. Најскандалозно е што „вишоците“ на работи уредно се наплаќаат, додека „кусоците“ од 1,1 милион евра само се евидентираат, а институцијата СОЗР не наплатила никакви пенали за доцнењето.

Нерационалното трошење е увидено и во Јавното претпријатие за државни патишта стои во истражувањето на граѓанскиот центар. За техничка помош за изградба на коридорите 8 и 10-д, склучен е договор вреден 3,8 милиони евра за само 13 експерти. Месечните хонорари на овие лица се движат меѓу неверојатни 13.000 и 23.000 евра по лице. А овој ангажман годишно ја чини државата колку нето-платите за 92 редовно вработени во претпријатието. Сомнежот за „наместен“ тендер го подгрева и фактот што единствениот понудувач ја „погодил“ тајната проценета вредност со прецизност од 0,02%. Дополнително како куриозитет, во тимот има експерт кој во Министерството за транспорт зема 1.600 евра, додека преку овој договор неговиот труд е вреднуван десет пати повеќе, односно 15.600 евра месечно.

Овие случаи, издвоени преку „црвените знаменца“ на Центарот за граѓански комуникации, покажуваат дека без итна институционална реакција и санкции, јавните набавки ќе продолжат да бидат извор на богатење на поединци на сметка на најсиромашните.

Т.Д.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

(видео)Пронајдена поголема количина кокаин – маж од скопски Брест лишен од слобода

Дејан Дејан

Осомничениот за нападот во Берлин е застрелан од полицијата во момент кога сакал да нападне со остар предмет

Дејан Дејан

(видео) Харис и Кемал се единствените преживеани на Елбрус – загинаа петмина планинари од БиХ

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе