Мора да се има план за обезбедување во еден објект, ако има повеќе од петмина обезбедувачи. Ова денеска го сведочеше Верица Стефановска Милевска која е претседателка на комората за обезбедување. На судското рочиште за пожарот во дискотеката „Пулс“ таа потенцираше дека агенцијата и фирмата која ја ангажира, мора да имаат и писмен договор за начинот и обврските на обезбедувањето. Сепак и ако нема таков договор, дел од задачите на обезбедувањето се пропишани со закон. Особен аспект беше посветен на тоа чија обврска е контролата на малолетници и нивниот влез во објектот, но и на тоа што смее да се внесе.
„Не е дозволено присуство на малолетници, особено ако има истакнато табла на влезот, па обезбедувањето мора да реагира, во најмала рака да го предупреди сопственикот. Тоа и не мора да се прецизира со договорот. Обезбедувањето, исто така, има право да направи преглед на она што се внесува во чантите и треба да го извести сопственикот за сомнителна пратка. Општо кажано, употребата на пиротехника, сепак, претставува безбедносен ризик“, изјави Верица Стефановска Милевска, претседателка на Комората за обезбедување.
На ваквите сведочења реагираше одбраната. Сметаше дека премногу општи прашања поставува обвинителството за конкретен настан и дека на овој начин се губи многу време. Сепак, на прашање на адвокатите на обезбедувањето, одговори дека како приватно обезбедување не може да работи оној кој нема лиценца и легитимација кои ги издава токму комората. Исто така одговори дека, според законот, кабаре не е должно да ангажира приватно обезбедување.
На рочиштето сведочеше и Маја Тимовска која е раководителка на Сектор за превенција, планирање и развој во Дирекцијата за заштита и спасување. Посочи дека годишните програми кои ги изготвува институцијата, со потпис на директорите, се доставуваат до Владата. Исто така дека за објектите кои се градат, доградуваат или пренаменуваат мора да имаат правилник за заштита од пожари и план за заштита и спасување, природни непогоди и други несреќи.
Инаку денешното рочиште беше на ден по одбележувањето на годишнината од трагичниот настан во дискотеката „Пулс3. Мал беше бројот на присутни родители и роднини на 63-те жртви во споредба со претходните судења. Следното рочиште е закажано во четврток. Судењето за пожарот во Кочани започна на крајот на ноември, а се очекува да сведочат уште 10 сведоци на обвинителството по што ќе следуваат материјални докази и вештачења.
Билјана Николовска Тодорова
