Европската комисија најави дека ќе побара одобрение од Советот на ЕУ за отворање преговори со земјите од Западен Балкан за укинување на роамингот при патување во ЕУ.
Ова се однесува на Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора и Србија, а целта е граѓаните и бизнисите да користат повици, пораки и мобилни податоци по домашни цени. Предлогот е дел од Планот за раст на Западен Балкан од 2023 година и е пример за постепена интеграција пред пристапувањето во ЕУ.
Еврокомесарката за проширување Марта Кос истакна дека укинувањето на роамингот ќе им олесни на граѓаните контакт со семејството и бизнисот, додека Хена Виркунен, извршен потпретседател за технолошки суверенитет, го оцени предлогот како значаен чекор кон приклучување на регионалните партнери кон единствениот пазар на ЕУ.
Македонија веќе започна со усогласување на домашното законодавство со европските регулативи за роаминг, но за конечна примена е потребно да се докаже капацитет за спроведување на заедничкото европско право. Процесот ќе се одвива поединечно за секоја земја, врз основа на нивната подготвеност и усогласеност со правилата на ЕУ.
