Вести Македонија Топ вести

За една деценија е преполовен бројот на автобуси

Црвените автобуси исчезнуваат од улиците на Скопје. Некогаш беа симбол на градот, а денеска сè почесто стојат паркирани, расипани или дотраени. Дел од нив се стари повеќе од 10 години, многу се неисправни, а граѓаните сè помалку се возат во нив. Истражувањето на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) открива поразителни бројки. Јавно сообраќајно претпријатие има 341 автобус, исправни се само 185, а на улица секој ден излегуваат 157. Па, поради тоа бројот на патници е повеќе од преполовен во една деценија, вели Герман Филков.

„Сето ова придонесува многу помалку луѓе да го користат градскиот сообраќај и нормално да наоѓаат други начини, а тоа се како што гледаме од метежот на улиците, претежно автомобилите. Така што сè заедно го прави градскиот сообраќај во главниот град недоволен, па и со застарени и неисправни автобуси, така што мислам дека ова е еден од последните аларми нешто да се преземе“, посочува Герман Филков од Центарот за граѓански комуникации.

За поголем дел од граѓаните градскиот превоз и натаму останува рак рана на главниот град. Чекањето продолжува, нервозата расте, а вербата дека ќе се обнови возниот парк бледнее..

„Многу е лош. Во последно време нема автобуси, нередовни се, преполни и многу често се случува на работа да закасниме затоа што нема превоз“, коментира скопјанка.

„Јас сабајле три саати сум чекала овде, а за назад добро беше. Има метеж, но човек ке се бутне малку и ќе седне што да прави“, вели нејзина сограѓанка.

„Нормално е дека треба да има повеќе, ама ја знаеме и ситуацијата дека немаме толку автобуси, дека слушаме на телевизија дека има најава да дојдат нови еколошки автобуси, па да се надеваме дека ќе биде подобро“, истакна жител на главниот град.

Истражувањето покажува и дека претпријатието остварува просечни годишни приходи од околу 29 милиони евра, а бележи поголеми расходи со што претприајтието е на листата загубари. Околу половина од парите доаѓаат од продадени билети, а поголем дел од субвенции за бесплатен превоз и покривање на трошоците во работењето. Иако за 2024 година е прикажана добивка, анализата укажува дека реалниот финансиски резултат би бил значително понизок, доколку биле исплатени сите пари кон приватните превозници.

„Претпријатието не работи со загуба или добивка голема, меѓутоа има да кажам непроменливи финансии што, исто така, сметам дека е показател на стагнација. Не може 10 години да му се отприлика исти приходите, тие треба да растат нормално со пораст на инвестиции, итн. Така што се ова е поврзано и се упатува на тоа дека стагнира опаѓа и квалитетот на превозот и на автобусите, бројот на патници и дека треба да се преземе нешто итно“, додава Филков.

По скопските улици најмногу сообраќаат кинеските автобуси „Јутонг“, потоа украинските, а најмалку или само 33 се поновите автобуси на МАН. Последното подновување на возниот парк на ЈСП беше лани, кога Европска унија донираше шест еколошки автобуси. Поранешната градоначалничка со месеци ја ставаше точката за набавка на нови еко-автобуси на дневен ред, но таа никогаш не доби зелено светло. Актуелниот градоначалник во кампањата вети нов градски превоз до март годинава, рокот го пролонгираше и сега ветува до крајот на годинава.

Симона Петровска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Законите за игри на среќа и против пушењето поминаа во прво читање – следува уште една расправа

Tea Dimkovska

Мирниот Капиштец претворен во модерна џунгла, жителите на протест

Tea Dimkovska

Локализиран пожарот во Кумлак, спасен сопственик на зафатена викендица

Tea Dimkovska

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе