Вести Македонија Најважни

Мицкоски го обвини Пендаровски за противуставни одлуки

Премиерот Мицкоски го обвини поранешниот претседател Стево Пендаровски дека во текот на неговиот мандат потпишувал уредби со сила на закон во време на вонредна состојба кои биле спротивни на Уставот. Од кабинетот на екс претседателот Пендаровски, пак, соопштија дека станува збор за лаги и клевети, одлуките биле потврдени од Уставниот суд и дека ова е обид на Мицкоски за дефокусирање на јавноста од катастрофалните резултати на Владата.

Мицкоски кажа дека дел од одлуките донесени од Пендаровски во време на ковид пандемијата се незаконски и неуставни и затоа уште не се поминати во Собранието. Тврдењата за незаконски одлуки на Пендаровски, премиерот ги кажа во контекст на тврдењето на кардиохирургот Жан Митрев дека поранешниот министер за здравство и актуелен лидер на СДСМ, Венко Филипче заедно со експремиерот Зоран Заев, се обиделе да го преземат сопствеништвото на неговата приватна клиника.

„Знаевме какви мафијашки упади се случуваа, особено кога се носеа вонредни состојби и со уредби на сила се надсинхронизираа законите и Уставот. Сè уште тие законски уредби и одлуки на Пендаровски Стево во тој период стојат непоминати во Собранието. Треба да видиме и Собранието да се произнесе во периодот што следи што со тоа, дали можеби има и одговорност тука од страна на поранешниот претседател. Јас ќе чекам да видам Обвинителството дали ќе постапува по допрен глас“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.

Поранешниот претседател Пендаровски е на став дека станува збор за лаги и клевети со кои премиерот Мицкоски се обидува да ја дефокусира јавноста од катастрофалните резултати на неговата Влада.

„Заради јавноста ќе морам да објаснам некои работи кои за жал на „експертот за енергетика” претходно не му ги објасниле неговите „големи правници“. Уставниот суд уште пред повеќе од пет години, со мнозинство гласови, потврди дека одлуките за вонредната состојба се во склад со Уставот и законите. Второ, уредбите со законска сила ги носеше и ги имплементираше Владата. Дали таму имало злоупотреби, тоа државните институции кои сега се под тотална контрола на Мицкоски можат да го проверат кога сакаат, ако сакаат. Трето, сите одлуки за прогласување на вонредна состојба беа доставени од моја страна до Собранието и тоа веднаш по завршувањето на таа состојба“, велат од канцеларијата на поранешниот претседател Стево Пендаровски.

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ и денеска на прес конференција побара од обвинителството да постапува по допрен глас за тврдењата кои ги изнесе кардиохирургот Митрев.

Филипче, пак, тврдењата на Митрев и на ВМРО-ДПМНЕ ги оцени како „груби лаги, постојана црна кампања и манипулации“, најави дека ќе поднесе тужба за клевета против како што кажа „наредбодавачите и извршителите“ и го повика кардиохирургот Митрев да поднесе пријава до обвинителството.

Огнен Чанчаревиќ

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Германија ќе набави американски ракети „Tомахавк“

Kristina Kuzmanovski

Бојковски не призна вина – Обвинителството најави докази дека тој е сторителот и за мотивите за убиствата

Дејан Дејан

САД и Иран продолжуваат со нападите – се засилуваат и вербалните закани за целосно обновување на конфликтот

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе