Шеесет и деветгодишен пациент почина вчера на Инфективна клиника по компликации од грип. Лицето, како што информира директорот на Инфективната клиника, Фадил Цана, било со комордбидитети и не било вакцинирано против сезонски грип, иако било во ризична група. Пациентот бил хоспитализиран во исклучително тешка состојба, со развиена масивна бронхопневмонија и веднаш бил поставен на респиратор.
„Пациентот веднаш беше третиран од медицинскиот тим во одделот за интензивна нега, но покрај сите преземени мерки, пациентот за жал почина. Имаше повеќе коморбидитети: хронична опструктивна белодробна болест, кардиомиопатија и други заболувања“, изјави Цана.
На Клиниката, како што информира Цана моментно има хоспитализирано околу 25-30 пациенти со грип. Дел од нив се со полесна, а други со потешка клиничка слика од кои неколку со кислородна поддршка, а само еден на механичка, како потежок случај.
Ова е втора жртва на грип сезонава, откако минатата недела на Универзитетската клиника за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје почина 75-годишна пациентка со грип.
