На иницијатива на премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска во Клубот на пратениците треба да се одржи лидерска средба на претседателите на парламентарните партии кои имаат пратенички групи во Собранието, на која, како што е најавено, ќе се разговара за реформските закони од правосудството, за изборот на народен правобранител, за Изборниот законик и за укинување на техничката влада, но и за други прашања на предлог на учесниците на средбата.
Од опозициските пратенички групи, потврда за учество има од лидерите на Левица и на ДУИ, Димитар Апасиев и Али Ахмети, додека претседателот на СДСМ, Венко Филипче, го одби повикот на Мицкоски за консензус за клучните прашања за државата.
Од коалициските партнери во Владата на средбата се очекуваат претседателот на ЗНАМ и градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски, а од коалицијата ВРЕДИ, градоначалникот на Тетово, Биљал Касами.
– Ние ја прифативме поканата и одлучивме да одиме налидерската средба. Таму ќе присуствуваме јас како координатор и Биљал Касами како еден од лидерите на „Вреди“. Во поканата нема конкретни прашања – рече Ќоку.
Одлуката за учество на Ахмети. ДУИ ја донесе синоќа на состанок на Генералниот совет на партијата во Мала Речица. Портпаролката на ДУИ Арта Биљали Зендели изјави дека одлуката била донесена едногласно од членовите на Генералниот совет, но не прецизира кои ќе бидат барањата на ДУИ на средбата на лидерите, посочувајќи оти „тоа е ексклузивно право на Ахмети“.
Левицата најави дека прифаќа да се укине техничката влада, но само ако се воведе една изборна единица, Левицата ќе присуствува на најавената лидерската средба.
–Како парламентарна партија, која една и пол година се обидува да воспостави комуникација со парламентарното мнозинство преку предлагање закони, преку консензус за некои државни прашања, сметаме дека сега е времето да влеземе во конструктивен дијалог, изјави Мециновиќ.
