Сакал да шверцува два тони фалсификуван прашок за перење кој е опасен по животот на луѓето и животната средина. Обидот го спречил царински службеници од ЦИ Тетово. Робата била натоварена во Турција и наменета за увозник од Скопје.
Како што информираат од Царинската управа, станува збор за 2000 кг, или 200 вреќи од по 10 кг прашак за перење алишта со трговска марка Ариел која ги повредува правата од интелектуална сопственост.
„Преку одделението за нетарифни мерки и заштита на правата од интелектуална сопственост при Царинската управа известен е правниот застапник на носителот на правото кој потврди дека предметниот прашак Ариел е фалсификат и со тоа ги повредува правата од интелектуална сопственост заради што е согласен за уништување на стоката“, се наведува во соопштението.
Против сторителот на делото по спроведување на постапка ќе биде поднесена соодветна пријава.
Т.Д.
