Министерството за здравство на САД ќе ги откаже договорите и ќе се повлече од финансирање на некои вакцини кои се развиваат за борба против респираторни вируси, како што се ковид-19 и грип. Министерот Роберт Ф. Кенеди објави соопштение во кое наведува дека 22 проекта, со вкупна вредност од 500 милиони долари, за развој на вакцини со помош на мРНА технологија ќе бидат запрени.
Одлуката на Кенеди за прекинување на проектите е последниот потег со кој долгогодишниот критичар на вакцините во целост ги спроведе своите сомнежи во ефектот на вакцините во рамки на националниот здравствен систем. Тој ги повлече препораките кои се однесуваа на вакцините против ковид-19, го распушти одборот што носи препораки за вакцини и одби силна поддршка на вакцинирањето додека се влошуваше епидемијата на мали сипаници.
Американскиот министер за здравство ги критикуваше мРНА вакцините во видео што го објави на своите профили на социјалните мрежи, објаснувајќи ја одлуката за укинување на проектот што го водат најголемите фармацевтски компании во земјата – „Фајзер“ и „Модерна“, а кои нудат заштита против вируси како грип, ковид-19 и Х5Н1.
„Со цел да ги замениме проблематичните мРНА програми, давале предност за развој на посигурни, поефикасни стратегии за вакцини, како вакцини базирани на целиот вирус и на нови платформи кои не пропаѓаат при мутирање на вирусите“, порача Кенеди во видеото.
Стручњаците за заразни болести тврдат дека мРНА технологија што се користи во вакцините е сигурна и заслугите за нејзин развој за време на првата администрација на Трамп ја припишуваат на забавување на пандемијата на коронавирус во 2020 година. Тие предупредија дека идните пандемии ќе бидат тешко да се запрат без мРНА технологија.
„Мислам дека никогаш во своите 50 години во јавното здравство, не сум видел поопасна одлука“, коментира Мајк Остерхолм, стручњак за заразни болести и подготовка за пандемии на универзитетот во Минесота. Тој нагласи дека мРНА технологијата нуди предност за брзо производство, што, според него, е клучно во случај на нови пандемии кои ќе бараат нови вакцини.
