Почна електронското пријавување за сместување во државните и приватните студентски домови низ државава за академската 2025/2026 година кое ќе трае до 31 јули. Рокот за пријавување за прием во студентските домови за студентите од прва година ќе почне по завршувањето на уписниот рок на факултетите во август, и ќе трае од 10 до 17 септември 2025.
Студентите кои ќе аплицираат за легло во некој од студентските домови треба да пополнат електронска пријава и да ја прикачат соодветната документација на интернет-порталот http://e-uslugi.mon.gov.mk Студентите може да конкурираат за прием само за еден студентски дом. Доколку по објавување на конечните списоци со примени студенти по домови ќе останат непополнети сместувачките капацитети во одреден дом, пријавувањето ќе продолжи сè до нивното пополнување, но најдоцна до 30 ноември 2025.
Според Конкурсот што го објави Министерството за образование и наука, слободни се вкупно 4264 места во студентски домови во Скопје, Штип, Битола, Тетово, Охрид и Прилеп. Од нив, 851 место се наменети за бруцоши, а 3413 места се за студенти од втора и повисоките години на студии.
Поради реновирање, затворени се домовите „Кузман Јосифовски-Питу“ и „Стив Наумов“ во Скопје кои, според најавите од МОН, повторно ќе примаат студенти од вториот семестар на претстојната академска година.
Најмногу места во главниот град има во студентскиот дом „Гоце Делчев“ (1212), во ДСД „Пелагонија“ на располагање се 997 места и 335 во ДСД „Томе Стефановски Сениќ“.
Во ДСД „Кочо Рацин“ во Битола има вкупно 385 слободни места за сместување студенти, 242 се слободни во ДСД „Никола Карев“ во Охрид, 330 во ДСД „Орде Чопела“ во Прилеп.
Во Штип студентите може да изберат сместување во три дома: ДСД „Браќа Миладиновци“ (236) и во приватните ПСД „Хилјадников“ (60) и ПСД „Логос“ (52).
Два дома се на располагање во Тетово: државниот студентски дом „Тетово“ располага со вкупно 295 легла и приватниот ПСД УЈИЕ – со вкупно 120 места.
