Вести Македонија Најважни

Вујкото ги убил внукот и неговиот син, па се самоубил – тројна трагедија го потресе Прилеп

Незапаметена трагедија го потресе Прилеп ноќеска. Татко и неговиот 12-годишен син се убиени во куќата на нивен роднина, а неколку часа подоцна, по престрелка со полицијата, и тој се самоубил. Се претпоставува дека мотив за оваа семејна трагедија се нарушени односи поради наследство, а убиецот дел од своите мотиви ги објавил и на социјалните мрежи.

Заложничката драма се одвивала во куќа, во центарот на Прилеп. Шеесет и двегодишен прилепчанец ги усмртил својот внук од сестра, стар 43 години, и неговиот 12-годишен син, а потоа се самоубил.

Четириесет и тригодишниот татко и неговиот син дошле кај вујкото вчера попладне, откако тој ги повикал со намера наводно да ги изгладат нарушените односи поради нерасчистени имотни прашања. Но, очигледно имал друг план. Наместо смирување, ги затрелал двајцата роднини. Што се случувало во куќата повеќе од пет часа никој не знае. Загрижена, бидејќи не можела да воспостави контакт со сопругот и синот, сопругата и мајка на убиените после 21 часот пријавила во полиција дека тие отишле кај роднината, но не се вратиле. Полициска патрола веднаш се упатила кон куќата, но била нападната со бомба и истрели од огнено оружје.

„По наредба на јавен обвинител, полициски службеници со употреба на сила ја отвориле вратата. Кога влегле во куќата, едно лице фрлило бомба која само чадела, но не експлодирала. Потоа било пукано кон полицијата, која возвратила со огнено оружје“, изјави Сања Стаматова, портпаролка на СВР Битола.

Поради опасноста, била повикана специјалната единица „Тигри“, која околу 1 часот по полноќ влегла во домот на 62-годишниот прилепчанец. Внатре биле пронајдени три безживотни тела, на домаќинот, внукот и неговиот малолетен син. Лекар од Итната медицинска помош само констатирал смрт.

Се претпоставува дека убиствата се случиле неколку часа пред пристигнувањето на полицијата. Јавниот обвинител издаде наредба за обдукција, како и за прибирање на сите траги, оружје и муниција пронајдени на местото на настанот, кои ќе бидат предмет на вештачење. Истрагата треба да утврди како точно се случи оваа трагедија што ја потресе јавноста.

Емилија Мисирлиевски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Сончево и топло со мала до умерена локална облачност – Временска прогноза за 15.7.2026

meteo

Мицкоски се извини: „Тоа никогаш нема да ни се повтори“

Дејан Дејан

Европа со нова воздушна одбрана за Украина

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе