Обвинителството поведе постапка за две лица по нападот над градоначалничката Арсовска. Се сомничат за кривичното дело „Насилство“ и, според Кривичниот законик, им се заканува казна затвор од три месеци до три години. Судија на претходна постапка, пак, постапувајќи по предлог на обвинителството, донесе одлука со која на првоосомничениот Сулејман Љамалари му се определува мерка куќен притвор во траење од осум дена. На второосомничениот му се определуваат мерки за претпазливост – забрана за напуштање на живеалиштето, обврска да се јавува во суд, одземање на пасошот и забрана за приближување и контактирање со одредени лица.
„Првоосомничениот вчера се заканувал и физички ја нападнал градоначалничката на Скопје, која заедно со вработени во градските служби, по претходна пријава, излегле да извршат вонреден надзор на нелегален објект во градба на улицата „Севастополска”. Тој се претставил како сопственик на објектот во градба, па почнал грубо да ја навредува, да ѝ се заканува, по што и физички ја нападнал“, соопштија од Основно јавно обвинителство.
На социјалните мрежи досега се прошири видео од коешто не се гледа јасно како започнува физичкиот напад. Министерот за внатрешни работи, во изјава за Телма, кажа дека апсолутна лага е тоа дека инцидентот се случил пред очите на полицајци. Сите снимки коишто се на увид на органите на прогонот, ќе го дадат одговорот за настанот.
„Целата случка е документирана и снимена. Сите ќе имате можност со своите очи да видите. И само сакам да ми кажете дали сакате да живеете во ваква држава?! – Дали сакате да живеете тука каде што полицијата, оние коишто треба да ве бранат, се соучесници во нападот над нас. Така ќе биде и утре, за нешто кога некој ќе ве нападне или ќе ви се случи нешто, треба да знаете дека никој нема да ве штити“, тврди Данела Арсовска, градоначалничка на Град Скопје.
Од МВР соопштија дека полицајци ќе ја обезбедуваат Арсовска, а испратија и апел до сите јавни функционери да не ги користат социјалните медиуми како канал за известување за потенцијални закани, туку да пријавуваат до надлежните органи.
„Со оглед на безбедносната проценка направена од АНБ, градоначалничката Арсовска, како носител на јавна функција, ќе биде под 24-часовна полициска заштита, со цел да ѝ се обезбеди лична сигурност и непречено извршување на нејзините обврски“, информира министерството за внатрешни работи.
Арсовска вчера излезе со тврдење дека инцидентот се случил поради непостапување на полицијата по нејзината објава од пред една недела, дека добива закани – без да прецизира дали поднела пријава. По вчерашниот напад, градоначалничката заврши во болница, а потоа изнесе детали дека била удирана со клоци и добила бројни закани. Службениците од Град Скопје, заедно со градоначалничката, биле плукани и удирани со столици додека биле службено во Чаир, на увид на дивоградба за која пријавувале дваесетина пати поради приклучоци на диво и за вода и за струја.
Петар Догов
