Вести Македонија Најважни

Клоци и закани за градоначалничката Арсовска во Чаир, тврди дека полицијата не постапила – МВР ги проверува снимките од нападот

Клоци и тупаници, пцовки и закани среде Чаир – градоначалничката на Град Скопје, Арсовска, била мета на напад во оваа скопска општина. Сѐ започнало вербално, пред таа да биде физички нападната.

Арсовска тврди – сѐ се случуваше пред очите на полицијата.  Службениците од градот заедно со градоначалничката биле плукани и удирани со столици додека биле службено во Чаир, на увид на дивоградба за која пријавувале дваесетина пати поради приклучоци на диво и за вода и за струја.

Од Општина Чаир во соопштение до јавноста велат дека настанот нема никаква поврзаност со нив и дека ниту еден вработен или функционер од кај нив не бил инволвиран, ниту пак присутен на местото.

„Физички ме нападна со тепање, со замавнување, со клоци, пред очите на МВР. Закани од најдолен ред со силување по мене, по семејството, пред ушите и очите на службениците од Министерството за внатрешни работи. Наместо да биде веднаш приведен, му дозволија повеќе од половина час да се јавува по луѓе, по пријатели, да зборува, да раскажува на цел глас што ќе ми прави на мене, на моето семејство, што ќе му прави на моето дете“, вели Данела Арсовска, градоначалничка на Град Скопје. 

Градоначалничката тврди дека инцидентот се случил поради непостапување на полицијата по нејзината објава од пред една недела дека добива закани – без да прецизира дали поднела пријава.

Арсовска досега повеќепати беше во општината, ја алармираше јавноста за бројни дивоградби. За денешниот напад, од МВР велат дека ќе се утврдува од снимките дали сѐ се случувало пред очите на полицијата.

„Согласно информациите коишто ги имам, физички контакт помеѓу машко лице и госпоѓата градоначалничка – точно е дека имало. Дека тој физички контакт е настанат пред полициски службеници е апсолутно лага. Така сум известен од страна на полициските службеници односно од страна на помошникот началник на СВР Скопје. Ова е повторно обид за манипулација на јавноста. Ќе утврдиме во детали, колку што сум запознаен од предметниот настан има снимки и точно ќе утврдиме што имало и како имало и зошто имало“, вели Панче Тошковски, министер за внатрешни работи, во интервју за Телма. 

По денешниот напад над Арсовска, со реакции се јавија и политичките партии, со повици до надлежните органи да ги идентификуваат и санкционираат сторителите, а власта да престане да ги штити криминалците. Владејачките партии со повик до институциите да го расветлат случајот.

Осуда стигна и од Национална мрежа против насилство врз жени и семејно насилство. Од Хелсиншкиот комитет за човекови права, пак, преку соопштение до јавноста побараа истрага за полициските службеници што не го спречиле нападот врз градоначалничката Арсовска, како и кривични пријави против сторителите.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Украина и Русија ослободија по 185 затвореници во последната голема размена

Дејан Дејан

Зеленски: Путин одбивајќи средба избира војна

Дејан Дејан

Тилев и Стојковски: Македонија треба да инсистира на „front-loaded“ пристап во преговорите со ЕУ, но клучот е во уставните измени

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе