Се одложи судењето за случајот „Онкологија“, поради отсуство на една од обвинетите, докторката Мери Пешевска. На обвинителна клупа седна медицинскиот директор Никола Васев и уште двајца доктори Симонида Црвенкова и Драган Јакимовски. Одбраната на дел од обвинетите го спори медицинското вештачење во Словенија со кое беше утврдено дека 29 болни од канцер биле несоодветно лекувани со што им се влошувало здравјето, бидејќи судскиот вештак не бил запишан во регистарот на земјата.
„Јавниот обвинител морал да се прилагоди кон прописите и законите кои важат во Македонија и така да постапува и инсистира вештачење да го направи лице кое е во евиденција и регистар на судски вештаци. Од таа гледна точка обвинението е марливо, содржи пропусти кои се од апсолутен карактер“, рече Владимир Туфегџуќ, адвокат на Црвенкова.
„Тврдењето на обвинителството дека не мора да биде лиценциран вештак, а да вештачи предмет е навистина неодговорно по мене и тоа законски во нашата држава не е дозволено. Тоа вештачење ие со низа пропусти и самиот вештак ги немал сите податоци за пациентите и има низа пропусти кои што лично ги имам прочитано“, рече Јовица Страшевски, адвокат на Пешевска.
Обвинителката Ана Гоговска Јакимовска смета дека приговорите на одбраната се беспредметни и очекува судот да донесе таква одлука.
„Тоа се процедури на државите до кои е доставена замолницата. Еден од принципите на меѓународното право е да имаме доверба во државите кон кои сме ја доставиле таа замолница дека доказите се прибавени на законит начин. Така што наводите на одбраната се беспредметни“, изјави Гоговска Јакимовска.
Владимир Туфегџиќ, адвокатот на докторката Црвенкова изјави дека за неговиот клиент вештачењето покажало дека начинот на лекување не влијаел и не допринел за влошување на здравствената состојба, односно смрт.
„Мој близок роднина почина од оваа болест и токму кај овој лекар беше на третман и иако му беа дадени прогнози дека ќе живее уште 6 месеци, благодарение на третман кој не се разликува од овој денеска како предметно обвинение поживеаа околу 2 и пол години“, додаде Туфегџуќ.
Туфегџиќ најави и нивни вештачења. Ќе се проверува и дали вештакот од Србија исто така е впишан во регистарот во земјата. Јовица Страшевски, адвокат на Пешевска изјави дека отсуствувала до рочиштето поради стомачен вирус и температура. Вината ја префли кај Васев.
„Не произлегува ниту еден доказ дека Пешевска има направено пропуст, односно несовесно лекување. Поранешниот директор Никола Васев, не само од Пешевска, користел логови и ставал печати од други лекари. Нејасно е зошто од целата клиника се избрани само тројца лекари против кои е покренато обвинение“, рече Страшевски.
Судењето продолжува на 5 септември. Другиот обвинителен акт за економското работење на клиниката во кој исто така е обвинет Васев, како и поранешниот организацискиот директор Нухи за злоупотреба, измама и проневера во службата се уште е во фаза на оценка.
Марија Митевска
