Европскиот парламент денеска ќе гласа за извештајот за напредокот на Македонија во европските интеграции, подготвен од известувачот Томас Вајц.
Тој во своето обраќање нагласи дека извештајот претставува важен чекор на европскиот пат на земјата и изрази надеж дека ќе добие широка поддршка од европратениците.
Еврокомесарката за проширување, Марта Кос, ја истакна историската можност пред Владата во Скопје, нагласувајќи дека единствениот начин за отворање на кластерот „Основни вредности“ е усвојувањето на уставните амандмани.
Таа порача дека извештајот испраќа јасна порака на поддршка од ЕУ, но и ја нотира потребата од реформи во владеењето на правото и борбата против корупцијата.
Во извештајот се оценува дека земјата е долго време на патот кон членство во ЕУ, но дека пречките поврзани со историјата и добрососедските односи ја забавиле интеграцијата.
Вајц посочи дека, и покрај напредокот, пристапните преговори формално сè уште не се започнати, и повика на конструктивен и заеднички чекор напред.
Извештајот посочува и на предизвиците во борбата против корупцијата, како и на присуството на странско влијание во земјата. Вајц нагласи дека извештајот треба да ја прикаже реалната слика каде се наоѓа Македонија на патот кон ЕУ, но и дека останува простор за напредок.
За време на дебатата, дел од европратениците, особено од Бугарија и Грција, упатија критики, додека други изразија поддршка за македонските евроинтеграции.
Премиерот Христијан Мицкоски очекува дел од евро-пратениците да не го гласаат амандманот за бришење на македонскиот идентитет и јазик.
Критики за европскиот парламент стигнаа и од претседателката на државата Гордана Силјановска Давкова.