Вести Најважни Свет

САД се приклучи на израелската војна против Иран – нападнати трите клучни нуклеарни инсталации

Соединетите американски држави се приклучија на израелските напади против Иран, бомбардирајќи ги трите најважни ирански нуклеарни инсталации Фордо, Натанз и Исфахан.

Веста за спектакуларниот успех на американската армија под неговото водство, во телевизиско обраќање, на нацијата и ја соопшти претседателот Доналд Трамп, придружуван од потпретседателот, Џеј Ди Ванс, шефот на Стејт Департментот, Марко Рубио и министерот за одбрана, Пит Сегет.

Трамп не пропушти и да се закани со дополнителни напади, доколку Иран возврати. Според шефот на американската држава, Иран сега мора да избере меѓу мир или трагедија.

„Нашата цел беше уништување на иранските капацитети за збогатување на ураниум и да ја запреме нуклеарната закана од државата која е број еден поддржувач на тероризмот. Вечерва можам на светот да му кажам дека нападите беа спектакуларен воен успех. Клучните ирански капацитети за нуклеарно збогатување беа целосно и комплетно уништени. Иран – „силеџијата“ на Блискиот исток сега мора да се согласи на мир. Ако не го направат тоа, идните напади ќе бидат многу поголеми и многу полесни“ – изјави американскиот претседател, Доналд Трамп.

Во нападите учествувале и американските бомбардери Б-2 кои со специјалните бомби за уништување цели длабоко под земјата тешки 13 тони, ја гаѓаа единствена нуклеарна инсталација до која Израел не можеше да допре затоа што се наоѓа 90 метри под земја – Фордо.

12 вакви бомби биле употребени, но засега, од иранска страна нема информација за степенот на предизвиканата штета.

Американските напади ќе имаат долгорочни последици, е првата реакција на официјален Техеран, чиј министер за надворешни работи го обвини Трамп за предавство.

„Воено-поттикнувачката и незаконска администрација во Вашингтон е единствено и целосно одговорна за опасните последици и далекусежните импликации на нивните агресивните акти. Воениот напад на САД на територијалниот интегритет и национален суверенитет на членка на ОН, извршен заедно со геноцидниот израелски режим, во колузија со геноцидниот израелски режим, повторно го откри степенот на непријателството на САД против мирољубивиот народ на Иран, кој никогаш нема да прави компромис околу својата независност и суверенитет“ – рече Арагчи.

Секако, најсреќен од американската помош во нападите против Иран е премиерот на еврејската држава, Бенјамин Нетанјаху, кој повеќе од две децении алармираше и предупредуваше дека на исламската република и недостасуваат само неколку недели до создавање нуклеарна бомба.

„Веднаш по завршувањето на операциите, Претседателот Трамп ми телефонираше. Тоа беше многу топол, емотивен разговор. Ми честиташе мене, на нашата армија и нашиот народ. Јас му честитав нему, на американските пилоти и американскиот народ. Претседателот Трамп е силен лидер на слободниот свет. Тој е голем пријател на Израел, пријател како никој друг“ – рече Нетанјаху.

Светот е во исчекување – што ќе направи Иран? Пред исламската република има три опции . Првата е – да не направат ништо. Со тоа ќе се избегнат интензивните американски напади, но и ќе се засили перцепцијата дека теократскиот режим во Иран е слаб и не може да им се спротистави на Израел и САД.

Втората опција е да веднаш да одговори, да се одмазди со напад против некоја од бројните американски бази во регионот или други американски интереси. Но, таа опција ќе доведе до целосно вклучување на САД во конфликтот и дополнителни загуби.

Третата опција е Иран е засега да не презема ништо, но да се одмазди во момент, места и цел по сопствен избор. Да почека стабилизирање на ситуацијата и да нападне во момент кога американските бази повеќе нема да бидат во највисока подготвеност. Но, со тоа ризикува, пасивноста да се протолкува како слабост и да се засили отпорот против режимот на Ајатолахот.

Дополнително, израелските напади против цели во Иран не запираат и покрај ракетните напади на исламската република во повеќе израелски градови.

Никола Илиевски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Колона возила над три километри на граничниот премин Богородица

Дејан Дејан

Мицкоски: Без додавки во извештајот за земјата

Дејан Дејан

Чувството на осаменост во современиот свет е често

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе