Мнозинството е стабилно, ќе се работи во полн капацитет. Ова е ставот на собранискиот спикер, Африм Гаши по расколот во „Вреди“ кој резултираше со оставка на министерот Таравари и излез на неговата партија од владината коалиција.
Додека се кристализира новиот распоред на силите во Собранието, се чекаат и новите предлози за функционери. Тие ќе ги заземат испразнетите фотелји од Алијансата на Таравари кои сега ќе им припаднат на „Вреди“.
„Нема никаква дилема околу тоа дали имаме мнозинство, се работи околу преминување на една од политичките партии во опозиција. Но, гледате дека и неколку пратеници остануваат дел од Влен и мислам дека Владата и парламентарното мнозинство ќе работат со полн капацитет. Предлогот доаѓа од Владата, премиерот треба да предложи нов министер. Кога ќе дојде на Дневен ред предлогот, веднаш во Собрание ќе биде доставен до сите пратеници и ќе го ставиме на првата наредна седница“, вели претседателот на Собранието на РС. Македонија, Африм Гаши.
Првиот вицепремиер, Изет Меџити денеска застана во одбрана на изборот на неговите сопартијци – за Азир Алиу вели дека е најдобар предлог за нов министер за здравство, бидејќи добро го познава системот. Тој претходно беше министер за информатичко општество во Владата предводена од Ковачевски.
Инаку, Азир Алиу заедно со Арбен Фетаи и други членови од Алијансата на Таравари веќе го напуштија стариот лидер и останаа во „Вреди“, како дел и од партиските раководни структури.
„Министер треба да биде добар менаџер којшто го познава системот и може да придонесе за подобро управување на тој ресор. Имало примери и во минатото и сега. Азир Алиу мислам дека е добар и најдобар предлог за таа позиција. Вчера се кооптираа членовите од Алијанса за Албанците на чело со Арбен Фетаи, десет члена од нивна страна во рамките на Влен. Избран е шеф на штабот Аднан Азизи, вчера елаборираше за екипата којашто ја формираа“, кажа првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити.
Претходно, на вонредно собрание на Алијансата за Албанците од крилото на Арбен Таравари, беа разрешени високите функционери на партијата кои се спротивставија на одлуката на претседателот за напуштање на владината коалиција.
Петар Догов