Вести Најважни Свет

Во Ливерпул минибус влета во толпа и повреди 50 навивачи кои го славеа шампионатот на градот во Премиер лигата

Уапсен е 53-годишен Британец кој со својот минибус влета во толпа навивачи на фудбалскиот тим на Ливерпул кои го славеа шампионатот на градот во Премиер лигата. Извиците на радост се претворија во вресоци за спас, повредени беа 50 луѓе, а двајца меѓу кои и едно дете се во критична состојба. Властите сметаат дека тој е единствениот вклучен во инцидентот и дека не се работи за терористички чин.

Болнички извори велат дека 27 луѓе се однeсени во болница, од кои двајца се здобиле со сериозни повреди, а уште 20 луѓе со полесни повреди добиле лекарска помош на местото на настанот. Меѓу повредените најмалку четири се деца. Пожарникарите морале да го подигнат возилото за да ослободат четирите жртви заробени под него. Еден од повредените е од медицинскиот тим кој бил на должност на велосипед.

„За жал, четири од повредените беа деца кои уживаа во денот со своите пријатели и семејства. Можеме да потврдиме дека нашите тимови им пружиле помош на 20 пациенти на местото на настанот за полесни повреди и на нив не им бил потребен болнички третман. Вкупно 27 пациенти беа однесени во болница со брза помош и веруваме дека двајца од нив, вклучувајќи го и едното дете, се здобиле со сериозни повреди“ изјави Дејв Кичен, раководител на Брза помош.

На социјалните мрежи се појави видео на кое се гледа како сив минибус удира во најмалку еден пешак, а потоа се превртува во поголема толпа, пробивајќи патека низ групата и туркајќи ги телата на луѓето по улицата пред да застане.

Навивачите на Ливерпул излегоа во десетици илјади за да го прослават освојувањето на Премиер лигата оваа сезона за рекордна 20-та титула во првата лига.

Полицијата од Мерсисајд соопшти дека се обидува да утврди што довело до инцидентот и ги замоли луѓето да не шпекулираат или споделуваат „вознемирувачка содржина на интернет“.

„Автомобилот застана на местото на настанот и беше уапсен 53-годишен бел Британец од областа на Ливерпул. Веруваме дека тој е возачот на возилото. Во тек се обемни истраги за да се утврдат околностите што доведоа до судирот и од витално значење е луѓето да не шпекулираат или шират дезинформации на социјалните медиуми. Она што можам да ви го кажам е дека веруваме дека ова е изолиран инцидент и во моментов не бараме никого друг во врска со него. Инцидентот не се третира како тероризам. Ве молиме луѓето да се воздржат од споделување вознемирувачки снимки од инцидентот преку интернет и ве молиме да ги споделите сите информации директно со нашиот истражен тим“ изјави Џени Симс, заменик-началник на полицијата во Мерсисајд.

Последната титула во лигата на Ливерпул дојде во 2020 година, но навивачите беа лишени од можноста јавно да слават поради ограничувањата во сила за време на пандемијата на КОВИД.

Овој пат, навивачите со шалови и знамиња на влажното време ги наполнија улиците и се качуваат по семафорите за да ги видат играчите на Ливерпул, кои беа во два автобуси со натпис „Наши повторно“.

Поворката од 16 километри траеше неколку часа, обезбедувана со голем број полициски томови, огномет испука од зградата „Ројал Ливер“ во срцето на градот.

Билјана Ставрова

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

ВМРО-ДПМНЕ излезе со листа на кандидати за 25 општини – за Град Скопје се уште мистерија

Дејан Дејан

Русија со нов меморандум подготвена за преговори со Украина

Дејан Дејан

Димовски: Не би сакал за секоја посета на европски високи официјални лица нас да не фаќа еуфорија

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе