Учеството на светскиот саем во Јапонија е планирано одамна, а трошоците за патувањето се сведени на минимум. Ова е ставот на претседателот на Владата, Христијан Мицкоски.
Станува збор за делегација со над десет члена, дел од министрите заедно со сопругите, а во тимот и портпароли и советници.
Прашан за детали, по реакциите од опозицијата дека тоа е скапо патување без никаков бенефит, премиерот одговара – македонското претставување во Јапонија е планирано уште од времето на претходната Влада.
„Она коешто оваа Влада го направи е тие трошоци за патување на таа делегација да бидат сведени на минимум. Бев поканет јас заедно со уште двајца членови од мојот кабинет, на сметка на јапонската Влада. Јас поради обврски дома не отидов. Во мое име водач на делегацијата е господинот Муцунски. Голем дел од лицата сами си покриваат. Така што, верувајте дека од тоа што било планирано пред една година и тоа што е сега – најмалку трипати се помали трошоците“, вели Христијан Мицкоски, претседател на Владата на РС. Македонија.
Телма праша во Влада – кој ги покрива трошоците за патувањето. Оттаму велат дека патувањето на првиот човек на делегацијата, министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски кој присуствуваше заедно со неговата сопруга, е платено од страна на владата на Јапонија.
Јапонската Влада ги покрила трошоците и за Владимир Нелоски, шефот на кабинетот на премиерот, кој исто бил во придружба на неговата сопруга. Нејзиното патување е платено со приватни средства, се вели во одговорот од Влада.
Патувањето на министерот за култура Зоран Љутков и шефицата на неговиот кабинет е на трошок на Министерството за култура, одговараат од „Илинденска бр. 2“.
Владата платила за патувањето на генералниот секретар Игор Јанушев, портпаролката Марија Митева и Акан Махмут, кој е национален координатор за туризам. Министерството за надворешни работи го платило патувањето на Сашо Маркоски – специјален советник.
Во Јапонија бил присутен и министерот за европски прашања Орхан Муртезани заедно со неговата сопруга, неговото патување го платило министерството, додека пак, патувањето на сопругата е приватно покриено.
Од Влада не одговорија на прашањето – во која класа летале членовите на македонската делегација.
Инаку, на саемот во Осака, Јапонија земјите се претставувале со футуристички презентации и визии за иднината. Македонија го изложила проектот на Кензо Танге за модерно Скопје, а државата се промовирала и со одржливите извори на енергија односно фотоволтаиците на обработлива површина.
Петар Догов