Мозочен удар, пад во кома и неповратен застој на работата на срцето. Ова се причините за смртта на папата Франциск што ги објави Ватикан. Пет недели претходно тој мина во болница поради лекување од пневмонија. Веста за неговата смрт беше дочекана со изненадување, со оглед дека во неделата се појави на плоштадот Свети Петар и од „папамобилот“ ги отпоздрави 35.000 луѓе со велигденски благослов.
Светот е во тага, светските лидери, без исклучок, се простуваат со папата Франциск, знамињата на институциите се на половина копје. Кардиналите веќе пристигнуваат во Ватикан на состанок за планирање на погребот и сложените ритуали што претстојат за одбележување на крај на служба на еден Папа и избор на негов наследник.
„Беше папа кој не го смени својот пат кога требаше да се извалка со кал. И тој сакаше да повторува дека единствениот пат кога е дозволено да гледаш човек од горе до долу е за да му помогнеш да стане, да го кренеш од земја. За него, сиромашните луѓе и мигрантите биле светата тајна на Исус“, рече кардиналот Балсадаре Реина, Викар на Рим.
Папата Франциско, првиот латиноамерикански понтиф во историјата, го шармираше светот со својот скромен стил и грижа за сиромашните. Ќе остане запаметен како човек од народот и за народот.
„Тука сум, пред сè, да се заблагодарам на Бога што нѝ го даруваше 15 години. Што ни го даде овој понтификат, оваа личност пред сè. Голем човек, човек од народот, Папа на народот, Папа кој знаел да го живее Евангелието, пред сè, преку поврзуваање со луѓето“, изјави Микеле Мираља, верник.
„Револуционерен Папа, вистински Папа. Можеби различен од другите, многу близок до најслабите, до скромните. Тој, исто така, беше многу убав и харизматичен човек. Ова нè прави многу тажни“, вели Џулијана Бонџорно, верничка.
Ватикан утрово објави и први фотографии и видео материјали од телото на Франциск кое е изложено во отворен ковчег за церемонијата Потврда на смртта на папата која траеше помалку од еден час. Во тестаментот од 2022 година тој реши да се откаже од традицијата на три ковчези од храст, од чемпрес и од олово, а ковчегот по неговата смрт да биде едноставен и да не биде поставен високо, туку меѓу верниците.
Така ќе остане три дена, почнувајќи од утре, по што ќе следува церемонијата на погреб, најверојатно во сабота на 26 април на која е најавено присуство на делегации на држави и влади од целиот свет. Ќе следуваат девет денови на жалост, а Конклавата ќе се одржи во рок од најмногу 20 дена. Тогаш кардиналите ќе се затворат во Сикстинската капела од каде нема да излезат сè додека име на еден кардинал не добие две третини од гласовите, а изборот на нов Папа ќе биде објавен со бел чад.
Сашко Димовски