Геополитичкото престројување ескалира по вчерашниот отворен судир меѓу претседателите на САД и на Украина, Доналд Трамп и Володимир Зеленски.
Договорот за минерални суровини меѓу двете земји остана без потпис, а по тензичниот разговор во Овалната соба, Трамп синоќа речиси го протера Зеленски од Белата куќа и му порача да се врати кога ќе биде подготвен за мир.
Европската унија речиси целосно застана зад украинскиот претседател, Русија задоволно трие раце, а од Кина засега има молк.
И светските и домашните аналитичари се внимателни во проценките што овој конфликт може да значи и како ќе се одвиваат работите во иднина. Неизвесно е дали односите меѓу САД и Украина се неповратно нарушени, дали се уништени шансите за праведен мир во Украина, дали се продлабочува јазот помеѓу ЕУ и САД или има надеж за поправање на односите.
„Се работи за нешто што се доживува како владеење на силата наспроти правото. Се создава еден нов светски поредок, со ова што го прави Трамп, се престројуваат Европа, Кина, па и САД со настапот на Трамп и мислам дека е сè уште неизвесно за да може да се каже на каде ќе оди сето ова“, вели поранешниот амбасадор Благој Зашов.
Домашните аналитичари велат дека во конфликтот меѓу големите, колатерална штета секогаш се малите земји, затоа Македонија мора внимателно да ја води својата надворешна политика.
„Многу е важно нашето раководство да размисли, да не биде еднострано и да води сметка дека сме во Европа, но и дека сме сојузници со САД. Треба да се следи како се движат работите на светската сцена. Ние сме мали за да може нешто да придонесеме и треба само да гледаме да не настрадаме, зашто малите страдаат кога големите ќе се во судир“, вели поранешниот амбасадор Благој Зашов.
„Да не трчаме да влеземе во една конфронтација во која немаме ни глас ни моќ да придонесеме, туку можеме само да јадеме шлаканици од двете страни, било тоа да се дипломатски, било да се економски. За нас САД се најважни стратешки партнери што се однесува на безбедноста и меѓународните односи надвор од ЕУ, а во секојдневниот живот и блиските економските релации ни се Европската унија и нејзините најглавни држави таму“, вели политичкиот аналитичар Сефер Тахири.
Трамп ја смета Кина како стратешки ривал и со зближувањето со Русија сака да стави клин во односите меѓу Москва и Пекинг. На Европската унија не ѝ одговара таквиот развој на настаните во кои е заобиколена и сака да покаже дека одликите не може да се носат без неа. Утрешниот Самит на европските лидери треба да покаже на каде ќе се движи европската политика.
„Јас сепак верувам дека сериозноста на глобалните текови и тоа што може да биде резултат од евентуална капитулација на Украина или на некој начин триумф на Путин сигурно не е нешто на што САД може да гледа како профитабилно на нејзините релации, било да се економски, глобални или внатрешни“, вели Селими.
Јавните изјави меѓу Трамп и Зеленски во изминатиот период се движеа топло-ладно, од жестоки критики до спуштање на топката, но се чини дека после вчерашната средба раните се продлабочија, иако според бројни светски аналитичари, се уште со шанса да се залечат. Конфликтот покажа дека раздорот меѓу Европската унија и САД може да се продлабочува.
Срѓан Стојанчов