Најверојатно до крајот на месецов банките ќе ги добијат договорите за да може конечно да почне пласманот на унгарските пари кај фирмите. Измените во Законот за јавен долг по скратена постапка поминаа во собранието. Тоа е некако сигнал дека работите полека финишираат.
Според, информациите од банкарскиот сектор, сега се чека на следната владина седница да поминат и двата потребни договори – едниот за трансферот на парите кај развојната банка, другиот со условите под кои банките ќе треба да ги пласираат средствата во стопанството.
Откако сето ова ќе се заврши банкарите ќе ги добијат договорите и ќе можат да го почнат процесот, а компаниите да ги поднесуваат проектите. Надежите се дека тоа ќе се случи до крајот на јануари.
Досега, средствата требаше да бидат легнати на сметките на кредитобарателите. Последната изјава на премиерот Мицксоки беше дека пласманот ќе почне по завршување на новогодишните празници.
Процесот со унгарските пари за фирмите се одолговлечи со преговорите кои ги водеа банките и Владата. Работата запна кај каматата. На крајот падна договор, средствата да се пласираат кај стопанството со таканаречена камата од 1, 95 отсто. Односно со ова банките ќе го покријат својот кредитен ризик, а каматата од 3, 25 проценти кон Унгарија ќе се враќа од буџетот.
Ова практично значи дека и граѓаните ќе учествуваат во покривањето на трошоците за кредитот наменет за бизнисот.
Познато е и дека највисоката сума за која можат да аплицираат фирмите е 10 милиони евра, но треба да имаат и 20 отсто учество. Првичните најави беа дека кредитната линија ќе биде наменета за финансирање на дејноста производство, односно за инвестиции во опрема, машини, погони, фабрики, но премиерот Мицкоски неодамна изјави дека парите ќе можат да се користат и за изградба на трговски центри.
Ирена Чачкова