Вести Македонија Топ вести

Мрзнат без греење, газат во вода – жителите од Орце Николов и Лептокарија во мака

Жителите на улиците „Мирка Гинова“ и дел од „Орце Николов“ зад гимназијата „Орце Николов“, веќе три дена се целосно без парно греење. Проблемот почнал пред една недела кога водата од системот се намалувала за во петокот целосно да застане греењето. Помош побарале од надлежните од ЕСМ каде им одговориле дека работат на решавање на проблемот, но жителите тврдат дека на терен нема ништо од тоа. Оваа мака ја имале и минатата година во исто време. Сега се греат на струја и прашуваат кој ќе ја плати испуштената вода од системот.

Од петокот немаме греење. Јас цела недела се обидувам да ѕвонам на телефонскиот број кој е за грижа за потрошувачи и тие ми велат дека се работи на дефектот. Како се работи кога гледам дека тоа што ископаа кај комшијата не го довршија ниту вчера ниту денес. Јас не знам дали тие воопшто имаат дежурни служби. Сите овде што сме приклучени немаме греење. Навистина ова е катастрофа. Не оставија три дена без греење. Болни луѓе сме ќе смрзнеме, вели жителка од ул.орце николов.

Во исто време, во населбата Лептокарија пукната цевка во шахта предизвика огромно излевање на вода, која со денови непрекинато тече. Граѓаните се револтирани, бидејќи од Водовод добиле совет да си купат водомер, наместо итно да се санира дефектот.

Во петокот сабајле од шахтата протече вода. Ги повикавме од Водовод, дојдоа неколкумина, ја испразнија водата и кажаа дека саатот е пукнат, треба сами да си набавиме нов, а тие бесплатно ќе ни го заменат, вели жител на населба Лептокарија.

Додека се ближат новогодишните празници, нервозата кај граѓаните расте, бидејќи основните потреби за топлина и вода остануваат нерешени.

-Сега не ми е јасно таа вода што се испушташе од цевките како ќе ни се фактурира на нас. Тоа не треба да влезе во новата фактура, прашува жителката.

-Мислам дека ова што се случува со јавните претпријатија е безобразие. Ние овде сме од 89 година и тој саат никогаш не бил на жителите, тој е контролен саат. Ние сите станари си имаме саат дома. Оваа вода кој ќе плати, граѓаните на Скопје?, прашува жителот.

Од ЕСМ велат дека работат на решавање на проблемот и најавуваат решение во најбрз можен рок.

„Поради санација на дефект на дистрибутивната мрежа на ул. Мирка Гинова, со прекин во испораката на топлинска енергија се 12 индивидуални станбени објекти. ЕСМ Дистрибуција посветено работи за решение. Заради сложеноста на дефектот и немањето пристап кај приклучите шахти на потрошувачите, санацијата и дефектот се одвива побавно“, соопштија од ЕСМ.

Од Водовод остануваат на ставот дека жителите сами треба да го купат потребниот саат, а тие ќе им го заменат бесплатно. Граѓаните пак не знаат ниту каде, ниту каков вид на саат да набават.

Тамара Марковска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Потрошена последната тронка надеж и доверба – порачаа родителите на загинатите на протестот во Кочани

Дејан Дејан

Зеленски: Русите се подготвуваат да ја продолжат војната, игнорирајќи ги сите мировни предлози

Дејан Дејан

(Видео)Овие институции одново ги убија нашите деца – порачаа родителите на загинатите во пожарот

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе