До јуни беше пратеник, претходно 14 месеци до август 2020-тата беше министер за култура, а сега повторно професор по медицина на Тетовскиот Универзитет. Иако замина од политиката и не е веќе активен во владеачката Алтернатива, неговите иницијали се најдоа на кривичната пријава која ја поднесе финансиската полиција.
За активности во ресорот култура при распределнба на парите за проекти на годишната програма за култура, Хусни Исмаили е осомничен за несовесно работење во служба и злоупотреба на околу половина евра, соопшти финасиската полиција.
На 24.07.2020 година, несовесно постапил на начин што потпишал решенија и склучил договори со правни и физички лица за финансирање на проекти во вкупен износ од 31.824.000 денари, иако бил свесен дека со извршениот ребаланс на буџетот од страна на Владата на Р.С.Македонија објавен во Службен весник бр.126 од 15.05.2020 година, недостасуваат финансиски средства за веќе преземените тековни обврски во однос на годишните конкурси за финансирање на проекти, соопшти финансиската полиција.
Во телефонска изјава за Телма, поранешниот министер Исмаили негира одговорност и потврди дека својот исказ веќе го дал минатата недела кога бил повикан во финансиската полиција.
-Работите се од порано и нема основа за прогон. Средствата беа планирани, но при исплатата беа блокирани и нема штета за државниот буџет. Можно е да имало исплата на два до три проекти, пред средствата да бидат запрени. Станува збор за пари кои беа планирани за културни активности и доделени на културни работници, но не беа реализирани, ни рече Хусни Исмаили, осомничен и поранешен министер.
Случајот го откри Антикорупциската комисија која на крајот на 2021-ва година покрена иницијатива за Исмаили затоа што проектите во вредност од околу половина милион евра ги потпишувал после избори и во период кога не смее да се потпишуваат налози за исплата со што противзаконски презел обврски надвор од планираниот буџет.
Миомир Серафиновиќ
