Битола денеска се справува со огромните последици што ги предизвика ветрот, кој вчера дуваше со брзина од над 70 километри на час. Денеска се расчистуваат, но и се сумираат штетите, кои граѓаните се уште ги пријавуваат.
Најдраматично е кај семејствата кои останаа без покрив над глава, откако ветерот урна над 10 покривни конструкции на згради и куќи низ Битола, кои за среќа не повредија никого, но уништија над 50 возила на повеќе локации.
Најсилните удари беа после 15 часот вчера, а граѓаните панично бегаа за да не настрадаат во оваа елементарна непогода.
Страшно беше, нова зграда, цела летна, а сега им врне дома на луѓето. На син ми му ја уништи колата, вели битолчанка.
Битолчани сѐ уште вознемирени од она што го доживејаа вчера, го отворија и прашањето за безбедноста на градбите и доградбите на зградите. Велат среќна околност е што вчера никој сериозно не настрада при ова невреме.
Низ прозорец гледав како леташе лим, зафатени со штички и шрафчиња. Никва заштита и безбедност. Горе прокиснува од сите страни, луѓето не можат дома да седат, не знам како оваа зграда имала технички прием, вели битолчанка.
Ветерот корнеше дрвја и бандери, кои блокираа улици и паѓаа врз паркирани автомобили, а направи и проблеми во водоснабдувањето во Брусничка населба во Битола, која остана без вода, а денеска е отстранет.
Ветрот предизвика и прекини во снабдувањето со електрична енергија, а на многу локации низ градот имаше искинати жици и искрење на инсталацијата. Без струја повеќе од 10 часа останаа неколку населби во Битола и десетици села. На бројните поплаки на граѓаните, од ЕВН велат дека нивните екипи се на терен и интензивно работат на санирање на состојбта.
Вчерашното невреме предизвика штети на повеќе локации во Битола. Екипите на Електродистрибуција се целосно мобилизирани и без прекин работат на отстранување на дефекти на среднонапонска и нисконапонска мрежа .Компанијата соработува со сите засегнати институции со цел отстранување на сите дефекти во најбрз можен рок, соопштија од ЕВН.
Екипите на јавните претпријатија и противпожарната единица на терен излегоа уште вчера, иако беше ризично да се интервенира. И денеска се работеше на санирање на последиците.
ТППЕ веднаш излезе во санирање на покривните конструкции, синоќа не можеше да се интервенира, сега екипите на Комуналец до доцна синоќа работае и во текот на денот работата на санирање на состојбата. И јас синоќа бев присутен каде падна покривната конструкција, тешко беше да се интервенира и да се пристапи, вели градоначалникот на Битола Тони Коњановски.
Од невреме вчера беше погоден и Штип. Од ЦУК информираат дека како последица на силниот ветер на повеќе место се забележани оштетувања на електрични столбови, покривни конструкции на објекти, фасада од станбена зграда, олуци и автомобили.
Противпожарната единца интервенираше за отстранување на паднати дрвја во градот и селата, откачени церади, откорнати делови од покривни конструкци.
Ветрот оштети дел од покривот на средното електро-машинско училиште во Штип, но немаше повредени ученици и наставници, ниту предизвика прекин во наставата.
Емилија Мисирлиевска
