Унгарската телекомуникациска компанија „4iG“, блиска до премиерот Виктор Орбан, отвори фирма во Македонија – „Оне Македонија телекомуникации“ и сè поблиску e до остварување на намерата да стане трет телекомуникациски оператор во земјава.
Според податоците од Централниот регистар, македонската фирма е основана пред четири дена на адресата на адвокатската канцеларија на Александар Михајлоски, поранешен партиски функционер во ВМРО-ДПМНЕ, кој ѝ стана познат на јавноста како дел од реформаторското крило во партијата во 2017 година.
Како сопственик се води „Антенна Хунгариа 3рт“, во која „4iG“ е доминантен сопственик. Директор на македонската фирма е Табори Тамаш, заменик директор за телекомуникациски стратегии во унгарската „4iG“.
Истражувачкиот портал „Директ 36“ лани ја опиша унгарската телекомуникациска компанија како „омилената компанија на Виктор Орбан“.
Унгарците веќе работат во Албанија и во Црна Гора преку својот бренд ОНЕ, а имаат намера да го прошират своето присуство на пазарите на Западен Балкан.
Унгарската телекомуникациска фирма, прво во август преку писмо до владата, информираше дека е заинтересирана за влез на македонскиот пазар, а еден месец подоцна потпиша и необврзувачки меморандум за разбирање со владата.
За влез на нов мобилен оператор, неопходно е Агенцијата за електронски комуникации да распише тендер за доделување фреквенции. Во Агенцијата сметаат дека има простор за трет оператор и оти поголемата конкуренција веројатно ќе донесе и пониски цени на услугите.
Во земјава во моментов има два мрежни мобилни оператора – Т-Мобиле и А1 и четири виртуелни оператори – Лајкамобил, Телекабел, Грин мобајл и М-Тел. Сепак, Т-Мобиле и А1 држат 96 отсто од пазарот на мобилна телефонија.
Во Македонија до 2015 година имаше три мобилни оператори, но тогашните Уан и ВИП се споија во една фирма Уан.Вип, која во 2019 се преименува во А1 Македонија.
По спојувањето, АЕК им одзеле дел од фреквенциите, токму за да остават простор за евентуален влез на трет мобилен оператор.
Срѓан Стојанов