Хезболах денеска објави дека бројот на загинати од пејџер експлозија во јужен Либан се искачи на 12, откако уште тројца оперативци на групата им подлегнаа на повредите, пишува „Тајмс оф Израел“.
Од октомври минатата година, израелските сили убиле 453 членови на Хезболах во вооружени судири, соопшти Хезболах.
Најмалку девет лица загинаа, а речиси три илјади беа ранети вчера кога пејџерите користени од членовите на Хезболах експлодираа истовремено низ Либан.
Претходно, агенциите објавија дека во таа прилика загинале најмалку 11 лица, но либанските здравствени власти оттогаш објавија дека бројот на загинати е девет.
Либанскиот министер за здравство Фирас Абијад на прес-конференција рече дека во експлозиите загинале девет лица, а 2.750 луѓе се повредени, од кои околу 200 се во критична состојба.
Израелската разузнавачка агенција Мосад поставила експлозив во 5.000 пејџери увезени од либанската група Хезболах месеци пред детонациите во вторникот, изјави висок либански безбедносен извор и друг извор за Ројтерс.
Операцијата беше невидено нарушување на безбедноста на Хезболах во кое илјадници пејџери беа детонирани низ Либан, при што загинаа девет лица и беа ранети речиси 3.000 други, вклучувајќи ги борците на групата и иранскиот пратеник во Бејрут.
Либанскиот безбедносен извор рече дека пејџерите се од тајванскиот Gold Apollo, но компанијата рече дека не ги произведувала уредите, туку се направени од европска фирма со право да го користи нејзиниот бренд.
Хезболах, поддржан од Иран, вети дека ќе возврати на Израел, чија војска одби да ги коментира експлозиите.
Иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи ги осуди експлозиите на стотици пејџери во Либан, при што загинаа најмалку 11 лица, опишувајќи ги како „терористички акт“ за кој, според него, е виновен Израел, пренесува ДПА.
Во разговор со неговиот либански колега Абдала Бу Хабиб, Арагчи изрази сочувство и поддршка за Бејрут. Иранскиот амбасадор во Либан, исто така, бил повреден во експлозијата на пејџер, но неговата состојба не е критична, според иранските медиуми.
Либанската група „Хезболах“ го обвини Израел за нападот и вети одмазда, потсетува ДПА.
Ирак објави дека испраќа медицински тимови за помош на Либан, кој беше погоден од синхронизирани експлозии на пејџери, кои ги користеле членови на „Хезболах“. Владиниот портпарол Басем ал Авади ја нарече оваа акција „ционистички кибер напад“.
Ирачкиот премиер Мохамед Шија ас Судани нареди испраќање на медицински тимови во Либан, за да обезбедат итна помош за повредените цивили. Според владините изјави, „постојаните агресии од Израел и заканите за поширока војна бараат итна меѓународна интервенција“.
Министерот за образование на Либан, Абас Ах Халаби, повика сите училишта и универзитети во земјата да останат затворени во текот на денешниот ден како знак на протест против експлозиите на пејџери, кои ги нарече „злосторство извршено од израелскиот непријател“.
Пејџерите, кои се претходници на мобилните телефони, се користат од „Хезболах“ затоа што не можат да бидат искористени за лоцирање, што го отежнува нивното следење, посочува ДПА.
Според последните податоци, во вчерашните експлозии бројот на загинати достигна 11, а повредени се 4000 луѓе.
