Претседателката Гордана Силјановска Давкова во петок патува за Софија каде ќе го проследи гостувањето на Македонската опера и балет со операта Набуко. Според БГНЕС, кој се повикува на неофицијални информации, за време на посетата Силјановска ќе ја оствари и првата средба со бугарскиот претседател Румен Радев.
Во време на заладени односи меѓу двете држави, Силјановска патува во Софија во придружба на министерот за култура Зоран Љутков, а има информации дека можно е и шефот на македонската дипломатија Тимчо Муцунски да биде дел од делегацијата. Од македонска страна засега нема потврда за средбата после опера, а такво нешто нема најавено ниту на официјалната страница на Радев.
Во вилата Водно пак денеска, претседателката Силјановска ги прими акредитивите на новиот бугарски амбасадор Желјазко Радуков. На средбата двајцата соговорници разменија пораки за добрососедство и за подобри односи на Македонија и Бугарија.
Силјановска побара и промена на пристапот во односите меѓу двете држави затоа што тие „за жал не се на посакуваното ниво и не се соодветни за држави кои се непосредни соседи и сојузници во НАТО, од кои едната е членка на Европската Унија, а другата е кандидат за членство со силна посветеност кон ЕУ-интеграцијата.“
Претседателката го охрабри да работи на „развивање на соработката во областите од заемен интерес со фокус на предизвиците од секојдневието и иднината“. Амбасадорот Радуков пак изјавил дека „поради секојдневните турбуленции во билатералните односи, како да забораваме дека нашите две земји се сојузници во најмоќниот политички и воен сојуз.“
