Целосно е изгаснат пожарот што избувна доцна попладнето во Расадникот на булевар „Борис Трајковски“ во Општина Кисела Вода. Нема повредени лица, а причинета е материјална штета. Нормализирано е снабдувањето и со електрична енергија што беше во прекин во дел од општината.
Пожарот, според командирот на Скопската противпожарна единица, Звонко Томевски, бил пријавен во 16:06 часот и во негово гаснење учествувале осум противпожарни возила и 15 пожарникари.
„Опожарена е површина со сува трева, грмушки, автомобилски гуми и дрва што се во Расадникот. Пожарот се ширеше на повеќе страни поради горливиот материјал, но не дозволивме проширување кон објектите. За кратко време беше ставен под контрола и целосно изгаснат. Нема повредени. Во тек е дежурство да не случајно се запали повторно некое место“, изјави Томевски.
