Поранешниот министер за внатрешни работи Митко Чавков добил одобрение за прекин на казната од три месеци, но од судот, а не од Управата за извршување на санкции, информираше денеска нејзиниот в.д директор Александар Пандов. Кога стапи на функцијата Пандов на Чавков му потпиша 30-дневен прекин на казната, како и на уште неколку осуденици за упадот во Собранието на 27 април 2017 година. Чавков поради влошена здравствена состојба ќе седи дома до 21 ноември.
„Јас како директор на Управата за извршување на санкции, она што можам да го направам е ако донесат медицинска документација во која што е прикажано дека постои некое акутно заболување и треба веднаш да се лекува давам прекин од 30 дена. Меѓутоа не мал дел од нив добија и конкретниот пример поранешниот министер Митко Чавков, јас колку што сум информиран има добиено сега прекин од 3 месеци, меѓутоа тоа е од судот“, вели Пандов.
Чавков е осуден на 16 години затвор за „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“. Во затвор за таканаречениот крвав четврток завршија 16 лица.
Од штипскиот Затвор, каде казната ја издржуваше Чавков, како што и претходно пишуваше Телма, прекин добија 6 лица, односно Митко Пешов, Оливер Поповски и Душко Лазаров кои се уште се дома, а Александар Јаневски – Тошта и Јане Ченто се вратиле зад решетки.
Пандов најави инвестиции во затворите, вклучително и на тој во Штип. Посебно се осврна на затворот во Идризово каде има 1200 затвореници или исто колку во сите 11 останати затвори и изрази надеж дека од идната година ќе почне да се гради и до крајот на мандатот на ВМРО-ДПМНЕ ќе стане модерен затвор. При неговата обиколка заклучил дека има голема разлика од еден до друг казнено поправен дом.
„Има затвори кои се од латино американски тип во кои што само исклучително ментално силна личност би можела да издржи во нив. А за жал да речеме еве браќава од 27 април, некои од нив и по 2 години ги држеа во притворот во Шутка. Има затвори да не бидам погрешно разбран кои буквално се европски затвори“, смета Пандов.
Критика упати и до дел од претходното раководството во затворите кои се однесувале како тие да се нивна сопственост и така ги третирале и затворениците, односно некои биле пуштани на слобода, а други го виделе најлошото. Инаку Пандов информираше и дека во изминатите години околу 120 до 130 затвореници кои биле пуштени на викенд или на одмор не се вратиле на отслужување на казната.
Марија Митевска
