Вести Македонија Најважни

СДСМ обвинува за „организирана шема“ за бегството на Рамадани, за Мицкоски тоа се интриги во одбрана на судијата Пајазити

Поранешниот припадник на ОВК, Блерим Рамадани избегал од куќен притвор со помош на полициски структури и вработени во институциите, обвини опозициската СДСМ и побара од Владата и од МВР во рок од 24 часа да кажат кој го организирал и овозможил тоа. Власта, пак, ги повика ако имаат докази, да излезат и да ги презентираат, а таквите обвинувања ги оцени како интриги од опозициската партија, бидејќи во скандалот е вклучен како што велат, „партискиот судија Пајазит Пајазити“.

Пратеникот од опозициската СДСМ, Митко Трајчулески побара од МВР да одговори дали станува збор за, како што кажа „партиско полициска организирана шема“ и „организирано пуштање на затвореникот во Косово во кое учествувале македонските институции“. Трајчулески рече дека доколку Владата и МВР во следните 24 часа не се одважат јавно да ја соопштат вистината за целата организација на бегството на Рамадани, СДСМ ќе ги објави сите информации кои ги добиле од „свиркачи“.

Побара властите да одговорат дали е точно дека Рамадани на 10 и 14 август слободно и без контрола ја минал границата со Косово со службено возило на државна институција, управувано од човек вработен во институциите.

„Ако имаат докази, нека излезат и да видиме како тоа ќе заврши“, одговори премиерот Христијан Мицкоски, по обвинувањата од СДСМ дека бегството на Блерим Рамадани е организирано од структури на МВР.

Според Мицкоски, за анализирање е загриженоста кај СДСМ и ДУИ, со оглед дека ова не е прв ваков случај и веќе има одлука од Врховниот суд.

„Ова не е прв случај, има сличен во 2016 година, во 2019 година и има одлука од Врховен суд кога практично тие лица кои на идентитен начин биле во екстрадициски притвор врз основа на потерница што ја испраќа Србија, биле ослободени на слобода. Тоа што имаме загриженост кај СДСМ и ДУИ зошто партискиот судија Пајазити е вклучен во овој случај, па се обидуваат сега интриги или некакви би рекол чудни споредби да прават и информации во прашална форма, навистина е за анализирање. Ако имаат докази, ако знаат дека е тоа така, зошто во прашална форма, нека излезат со тврдење па да видиме како тоа ќе заврши“, изјави Мицкоски.

Во меѓувреме, МВР соопшти дека продолжува да презема оперативно-тактички мерки и активности во врска со бегството на Рамадани, а има и основи за сомненија за кривични дела од службени лица кои носеле одлуки за неговата екстрадиција.

Судскиот совет, исто така, донесе одлука за формирање Комисија што ќе го испита постапувањето на Судот во двете одлуки за екстрадицијата на Рамадани.

Врховниот суд, пак, реши да го врати предметот во врска со екстрадицијата на Рамадани на повторно одлучување и постапување.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Иран и Ирак потпишаа договори за соработка во областа на транспортот, финансиите и енергетиката

Дејан Дејан

Бела куќа: Саудискиот нуклеарен договор бара нормализација на односите со Израел според Абрахамскиот договор

Дејан Дејан

(Видео) Два ер трактори и два пинцгауери го гаснат пожарот кај Копаница

Kristina Kuzmanovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе