Вести Македонија Најважни

Не е повеќе македонски амбасадор во ОН – Фрчкоски поднесе оставка на функцијата во Њујорк

Љубомир Фрчкоски се повлекува од функцијата амбасадор и постојан претставник на Македонија во Обединетите Нации (ОН) во Њујорк. Професорот на поднел оставката до претседателката Гордана Силјановска – Давкова, а за својата одлука го известил и министерството за надворешни работи (МНР).

Тој неодамна беше повикан на разговор во МНР за наводни финансиски нерегуларности во работењето на претставништвото. Разговорот со шефот на дипломатијата, Тимчо Муцунски, сепак, сè уште не е реализиран поради здравствени причини на Фрчкоски.

Во изјава за Либертас, Фрчкоски смета дека оставката не може да се одрази врз функционирање на Мисијата во техничка смисла, но може да влијае врз реализација на проектот „Промоција на дијалог и медијација со цел превенција на геноцид и сличните злосторства (воени злосторства и злосторства против човештвото)“.

„Македонија го предложи овој проект во Обединетите Нации кој беше прифатен. За проектот е одреден буџет, што е многу ретко во ситуација на финансиска криза во ОН. Цел на проектот е да се создаде прирачник (Policy Paper) кој во наша чест како иницијатори на проектот би се нарекол Скопје (Охрид) Policy Paper (во зависност каде би се одржала Првата Конференција за негово донесување). Прирачникот ќе содржи методологија и начин на работа и начин на составување групи во рамките на ООН за медијација при идентитетски конфликти низ светот кои можат да доведат до вакви злосторства при што медијацијата треба да помогне да се избегнат трагичните исходи. По донесувањето на прирачникот треба да се создаде листа од експерти – медијатори како и листа на точки и жаришта на вакви тензии каде ќе се понуди помош и посредување од страна на ООН. Финален чин на оваа фаза на проектот е Конференција на која би се дискутирало и усвоил овој Policy Paper и планот за акција, а која би се одржала во Скопје или Охрид“, вели Фрчкоски.

„Министерот за надворешни нема поим за оваа супер важна иницијатива на Македонија за која има патем куп известувања пратени од мисијата, но за која воопшто не се интересира и не комуницира. Тој има поважна работа во надворешната политика – да се занимава со сметките на амбасадите и амбасадорите. Ако оваа иницијатива пропадне поради изгубеност, незаинтересираност или лоша волја на министерот и министерството тоа ќе биде пропуштање на историска шанса за здрава промоција на земјата на клучните прашања во ООН и воедно срам за земјата која без континуитет и проценка на основа на ресентименти ја води својата надворешна политика и ја дезавуира својата политичка позиција на сериозен партнер“, додава Фрчкоски.

Фрчкоски беше амбасадор и постојан претставник на Македонија во ОН од 2021 година.
© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Иран и Ирак потпишаа договори за соработка во областа на транспортот, финансиите и енергетиката

Дејан Дејан

Бела куќа: Саудискиот нуклеарен договор бара нормализација на односите со Израел според Абрахамскиот договор

Дејан Дејан

(Видео) Два ер трактори и два пинцгауери го гаснат пожарот кај Копаница

Kristina Kuzmanovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе