По два дена исцрпувачка битка со пожарот кој речиси целосно ја уништи околината на Пехчево и планината Буковик, мештаните може да здивнат. Пожарот е ставен под контрола благодарение на натчовечките напори на стотина пожарникари, доброволци, полицајци и војници и пилотите на хеликоптерите и „ер тракторите“.
Од утрото десетици тимови беа распрснати по планината Буковик следејќи ја линијата на огнот и гасејќи ги џебовите пламен во шумата. Под вжештената земја која што сѐ уште тлееше гореа корењата на дрвата.
Ова е еден од багерите тешки и по триесетина тони кои се спуштаа од врвот на планината правејќи засеци за да спречат огнот да се префрли на следниот рид и на ридот по него.
Околу 17 часот со три налети на ер тракторите беа локализирани последните две критични точки а потоа гаснењето го презедоа тимовите од земја.
Штетата е огромна и допрва ќе се утврдува колку хектари квалитетна шума изгоре. Тимови на македонски шуми остануваат на терен, да ја следат сстојбата и да спречат нова катастрофа.
Двата пожари кои во изминатите десетина дена беснееа во Пехчево направија огромна материјална штета, ја уништија природата и само за среќа немаше жртви.
Само присебноста и брзата реакција го спаси тимот на пехчевските пожарникари кои беа целосно опкружени од огнот. Нивното возило, единственото со кое располагаа, остана целосно изгорено некаде кон врвот на планината Буковик како потсетник на катастрофата.
Останува сомнежот дека барем еден од пожарите кои беснееа во Пехчево е намерно подметнат а граѓаните се со јасна порака до надлежните, уништените дрва да не се сечат и да не ги користат приватни компании во комерцијални цели за продажба на дрво за огрев и пелети.
Огнен Чанчаревиќ и Фуат Сулејман
