Стотици пожарникари поддржани од повеќе од дваесетина авиони кои фрлаат вода се бореа со големиот шумски пожар кој беснее надвор од контрола на северот од грчката престолнина.
Детска болница и воена болница беа евакуирани рано утрово, соопшти пожарникарската служба, додека беа издадени наредби за евакуација на повеќе од десетина области, вклучително и Маратон и неколку предградија на Атина.
Властите во блиските предградија обезбедуваат соби во хотелите за евакуираните.
Локалните медиуми објавија дека двајца пожарникари се полесно повредени, додека неколку цивили се згрижени во болниците поради вдишување чад.
Пожарот испрати покривка од чад над центарот на грчката престолнина, помрачувајќи го небото.
Огнената стихија започна вчера во попладневните часови, на околу 35 километри од Атина и беше засилен од силните ветрови, поттикнати од сувите услови по повторените топлотни бранови ова лето, кои доаѓаа веднаш по особено сувата зима.
Противпожарната служба апелира до жителите да ги следат наредбите за евакуација издадени од цивилната заштита, при што властите забележаа дека некои луѓе кои одбиле да ги напуштат своите домови подоцна останале заробени и барале спасување, загрозувајќи ги животите на пожарникарите.