Се прават последните подготовки за вечерашниот концерт на светската музичка мега ѕвезда, филмска актерка и поранешен модел, Грејс Џонс. Таа доаѓа во Скопје , во рамките на нејзината летна турнеја, а ќе настапи на стадионот на АРМ, како дел од фестивалот „ Скопје колинг“, во организација на „ Авалон продукција“. Од таму очекуваат до 5000 посетители и велат дека публиката ќе се изненади од квалитетната музичка изведба.
На концертот, 76- годишната Грејс Џонс, која ги побива стереотипите за жените на нејзина возраст, со уникатниот и секогаш провокативен андрогин имиџ и со раскошниот и моќен контраалт, таа ќе ги изведе најголемите хитови од речиси петдецениска кариера. Судејќи според настапот во Загреб, пред две вечери, може да не почести и со нумери од албумот во подготовка. Грејс Џонс во Скопје дојде со целиот тим од 30 луѓе, а публиката ќе се изненади дека ќе присуствува на концерт со висок квалитет изведби, велат од „ Авалон продукција“.
- Значи , многу се свири. Има 10 луѓе што свират и пар придружни вокали и Грејс Џонс. За да таа има перформанс каков што треба , треба некој тоа квалитетно да го придружува. И секогаш големиве ѕвезди имаат најврвни и најквалитетни музичари зад себе. И тоа што мислам дека Скопје ќе биде изненадено , од Грејс Џонс знае што може да очекува , ама мислам дека таков тип на квалитетно свирење дека никој во моментот не е свесен дека ќе слушне, кажа Бобан Милошески од Авалон продукција.
Грејс Џонс ја започна пејачката кариера во 70-тите години на минатиот век. Од првиот албум- „ Портфолио“ во 1977, до последниот „ „Ураган“, во 2008, објави вкупно 10 носачи на звук, а повеќе нејзини хитови со недели беа на престижните светски топ листи. Од американската тв мрежа VH1 е поместена меѓу 100 жени на рокенролот, а списанието Билборд ја рангира меѓу 40 најголеми имиња на светската клупска сцена. Се очекува, на концертот на оваа икона на поп културата да дојдат 4 до 5000 посетители, не само од Македонија, туку и од Грција и Косово. А, на рајдер листата, покрај деталните технички барања за настапот, биле и разни видови школки со кои ќе биде послужена во бекстејџот, вина и шампањ „Кристал“.
- Па, се снаоѓаме, нормално. Не сме ние лоши во тоа. Барем за тоа не бидува. Ако немаме техника, ако мора да увезуваме, за ова другово сме добри, вели Милошески.
Многу е потешко да се донесе Грејс Џонс во Скопје, отколку младата ѕвезда Хери Стајлс во Барцелона, дополнува Милошески. Затоа, уникатната можност да ја чуеме и видиме во Скопје, макар за миг го прави нашиот главниот град светска метропола. За заинтересираните, сѐ уште има билети за концертот на оваа жива музичка легенда.
Сотир Трајков