Вести Култура

На концертот на Грејс Џонс ќе се чуе квалитетно музицирање, а се очекуваат до 5.000 посетители

Се прават последните подготовки за вечерашниот концерт на светската музичка мега ѕвезда, филмска актерка и поранешен модел, Грејс Џонс. Таа доаѓа во Скопје , во рамките на нејзината летна турнеја, а  ќе настапи на стадионот на АРМ, како дел од фестивалот „ Скопје колинг“, во организација на „ Авалон продукција“. Од таму очекуваат до 5000 посетители и велат дека публиката ќе се изненади од квалитетната музичка изведба.

На концертот, 76- годишната Грејс Џонс, која ги побива стереотипите за жените на нејзина возраст, со уникатниот и секогаш провокативен андрогин имиџ и со раскошниот и моќен контраалт, таа ќе ги изведе најголемите хитови од речиси петдецениска кариера. Судејќи според настапот во Загреб, пред две вечери, може да не почести и со нумери од албумот во подготовка. Грејс Џонс во Скопје дојде со целиот тим од 30 луѓе, а публиката ќе се изненади дека ќе присуствува на концерт со висок квалитет изведби, велат од „ Авалон продукција“.

  • Значи , многу се свири. Има 10 луѓе што свират и пар придружни вокали и Грејс Џонс. За да таа има перформанс каков што треба , треба некој тоа квалитетно да го придружува. И секогаш големиве ѕвезди имаат најврвни и најквалитетни музичари зад себе. И тоа што мислам дека Скопје ќе биде изненадено , од Грејс Џонс знае што може да очекува , ама мислам дека таков тип на квалитетно свирење дека никој во моментот не е свесен дека ќе слушне, кажа Бобан Милошески од Авалон продукција.

Грејс Џонс ја започна пејачката кариера во 70-тите години на минатиот век. Од првиот албум- „ Портфолио“ во 1977, до последниот „ „Ураган“, во 2008, објави вкупно 10 носачи на звук, а повеќе нејзини хитови со недели беа на престижните светски топ листи. Од американската тв мрежа VH1 е поместена меѓу 100 жени на рокенролот, а списанието Билборд ја рангира меѓу 40 најголеми имиња на светската клупска сцена. Се очекува,  на  концертот на оваа икона на поп културата да дојдат 4 до 5000 посетители, не само од Македонија, туку и од Грција и Косово. А, на рајдер листата, покрај деталните технички барања за настапот, биле и разни видови школки со кои ќе биде послужена во бекстејџот, вина и шампањ „Кристал“.

  • Па, се снаоѓаме, нормално. Не сме ние лоши во тоа. Барем за тоа не бидува. Ако немаме техника, ако мора да увезуваме, за ова другово сме добри, вели Милошески.

Многу е потешко да се донесе Грејс Џонс во Скопје, отколку младата ѕвезда Хери Стајлс во Барцелона, дополнува Милошески. Затоа, уникатната можност да ја чуеме и видиме во Скопје, макар за миг го прави нашиот главниот град светска метропола. За заинтересираните, сѐ уште има билети за концертот на оваа жива музичка легенда.

Сотир Трајков

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Убиства и братоубиства како огледало на човечката несреќа и фракционерство

Igor Trajkov

Преку одговорно сопствеништво, вдомување и стерилизација до намалување на бројот на улични кучиња

Igor Trajkov

Ѓорѓиевски од „Македонско прасе“: Неопходни се засилени контроли

Igor Trajkov

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе