Цели 47 дена по инаугурацијата на претседателката, немало средба меѓу Сиљановска и директорот на Агенцијата за разузнавање, Еролд Муслиу, иако Агенцијата е под директни ингеренции на врховниот командант. Денеска го разреши три години пред крајот на законскиот мандат на Муслиу, кој стана директор во ерата на претходниот претседател Пендаровски. За нов директор, првпат жена, назначена е Габриела Јаковлева. За нејзина заменичка е поставена Ивана Стојановска, а разрешена е досегашната заменик-директорка Александра Бакреска Додовска.
„Габриела Јаковлева и Ивана Стојановска се долгогодишни професионалци во Агенцијата за разузнавање. Претседателката Сиљановска Давкова овие одлуки ги донесе согласно нејзините уставни и законски надлежности“, соопштија од Кабинетот на претседателот на Република Северна Македонија.
Брзо реагираше сменетиот директор Еролд Муслиу. За постапките на претседателката тврди дека се политички, а не, како што таа вели, донесени согласно мерит ситем и според закон.
„Без да навлегувам во политичката логика и автономија при одлучувањето за моето разрешување, очигледно е дека претседателката попушти пред партиските притисоци. Законската оправданост и мерит системот за кој цело време зборува претседателката, за жал во случајот со моето разрешување , отсуствуваат“, се вели во реакцијата на Еролд Муслиу, разрешен директор на Агенцијара за разузнавање.
Муслиу тврди дека е разочаран, бидејќи по 31-годишна кариера во службите, е разрешен без претседателката да побара средба на која би добила брифинг за природата на работата на Агенцијата и за безбедносното опкружување и актуелната состојба во регионот. За да биде разрешен директорот на Разузнавање мора да биде утврдено дека функцијата ја извршувал несовесно и непрофесионално или дека прекршил закон.
Во 2020-тата година, ДКСК расправаше по анонимна претставка за Муслиу за нелегално потпишување на договор за вработување, но постапката беше прекината, иако случајот беше нотиран и беше побарана реакција на надлежните. Но, од кабинетот на Силјановска нема објаснување зошто е разрешен Муслиу, иако по системската поставеност директорот на Агенцијата за разузнавање е еден од луѓето на Претседателот. А, Муслиу беше поставен од претходниот, Пендаровски.
Муслиу и честита на новата директорка Јаковлева која досега беше негов помошник директор за меѓународна и меѓуинституционална соработка. Од кабинетот на претседателката нема никакви детали за двете назначени директорки. Јаковлева има долг стаж во Агенцијата, била шеф на кабинет на екс директорот Наќе Чулев, а била помошник директор за меѓународна соработка и во времето на Зоран Иванов. Новоназначената заменик директорка Ивана Стојановска е раководител во техничкиот сектор во Агенцијата, но има и стручно инжинерско звање.
Од друга страна, Муслиу се заблагодари на колективот на Агенцијата, затоа што соработувале извонредно и потенцираше дека станал прв Албанец -директор на безбедносна служба без партиска припадност и издржал политички линч и дезинформациска кампања врз него и неговото семејство.
Миомир Серафиновиќ