На 28 и 29 јуни во 20 часот, во Тетовскиот театар премиерно ќе биде одиграна претставата „Тартиф“ според Молиер, а во режија и адаптација на Андреј Цветановски.
Претставата изобилува со визуелни слики и емотивни конфликти меѓу ликовите. Самиот Молиер важи за еден од најзанчајните автори на класичната драматургија и е предизвик за целата екипа, која работеше на ова дело интензивно, вдахнувајќи креативен печат и убава енергија, велат од Тетовскиот театар.
„Силните луѓе создаваат мирни времиња. Мирните времиња создаваат слаби луѓе. Слабите луѓе создаваат тешки времиња. Тешките времиња создааваат силни луѓе. И така се во круг. Низ оваа максима се обидовме да ја погледнеме вечната тема на најголемиот лицемер во класичната драматургија, Тартиф. Но, дали е тој лицемерот или луѓето кои зависат од неговата способност? Низ силна и емотивни ситуации се случува трилер претстава која се заснова на замрсените односи на една фамилија, и нивната постојана опсесија за богатство. Низ сите тие ликови и нивните завери ја осовременивме и донесовме во денешни услови приказната за распадот на фамилијата, а со тоа и на системот. Дали компанијата беше во постојан пад и пред да се појави Тартиф? Дали корените на фамилија Пернел се распаѓаат од мирните времиња во кои живее новата аристократија?“, прашува режисерот на претставата, Андреј Цветановски низ постановката.
Во претставата настапуваат: Ѓорѓи Нешкоски како Тартиф, Петрит Незири како Оргон, Миа Кантарџиева Петровска како Елмира, Марија Цветановска како Дорина, Марко Богдановски како Дамис, Арѓенд Хасани како Клеант, Ирена Мирческа како Маријана, Абдула Османи како Валер, Берат Салиу како Пернел и Шкумбин Зеќири како Лојал.
Сценографијата е на Сергеј Светозарев, костимите се авторство на Медина Хоџа, а музиката е на Димитар Андоновски.