Занимавањето со музика е благослов и награда, изјави за Телма нашиот виртуоз на гитара, композитор и пејач со меѓународно реноме, Влатко Стефановски, на отворањеto на изложбата во негова чест, со која одбележува 5 децении успешна музичка кариера. Насловена „ Искуството на Влатко Стефановски“, изложбата е вовед во 10 издание на фестивалот на музички документарци „ Скопје синема сити“, од каде Стефановски доби плаќета, по повод неговиот јубилеј. Според него 50 години е многу долг период, во кој доживеал разни искушенија, турбуленции , но и задоволство, без кое не би бил тоа што е.
- Настапите се само шлаг на тортата. Има многу патувања во целата приказна. Многу патувања. Севишниот до сега ме сочувал. Затоа што имало големи искушенија, невремиња, турбуленции. Имало сѐ и сешто . Се разбира да не е тоа задоволство не би се упатиле на пат. Занимавањето со музика е еден благослов и една награда, кажа Влатко Стефановски.
Изложбата, вклучува фотографии од концертните настапи на Влатко Стефановски, направени од Стефан Рајхл, Немања Ѓорѓевиќ, Ангел Ситновски и Огнен Ацевски. Изложени се албуми од „ Леб и сол“, и дел од оние, од солистичките проекти на Стефановски, како и плакати и друг документарен материјал, позајмен од колекциите на Владимир Мандичевски и Тошо Филиповски. А, тука се и звучниците Legendary, кои Стефановски ги дизајнирал со нашата компанија за звучна опрема „ Теохаров аудио“. Изложбата ја отвори фотографот Драги Неделчевски, кој го сподели искуството од првата средба со Стефановски, 1977 година, во домот на негов братучед, каде слушале плочи кои Влатко ги донел од Лондон.
- Плочава свири од Алан Холдсфорт. Секоја такт, секоја нота Влатко ја свиреше во воздух. И ни објаснуваше нам, а најмногу на Бодан -сега пази овде, сега пази овде, сега пази овде. Велам, што човек ќе беше . И тоа за мене беше едно прекрасно искуство и прва средба со Влатко Стефановски, кажа фотографот Неделчевски.
A, jубилејното издание на „ Скопје синема сити“ ќе се одржи од 1 до 4 јули. Земја во фокусот е Полска, од каде ќе дојде режисерот Грегор Брзозович, чии два филма ќе бидат прикажани . Фестивалот ќе ја додели наградата за животно дело на композиторот на филмска музика Збигњев Праиснер, познат по соработката со Кшиштоф Кишловски на трилогијата „ Три бои“.
- „ Скопје синема сити “ почнува на 01. Јули во Кинотеката на Македонија , со филмот „ Карлос“, посветен на гитарската легенда Карлос Сантана. Веќе следниот ден можеме да ги погледнеме филмовите за џез трубачот Чет Бејкер- „ Ајде да се изгубиме“ и филмот „ Иднината е ненапишана: Џо Стромер “. Последниот ден ќе биде резервиран за два филма од македонски автори, кажа Ана Василевска од „ Скопје синема сити“.
A, изложбата посветена на Влатко Стефановски во Мала станица при Националната галерија на Македонија ќе биде отворена до 5 јули.
Сотир Трајков