Посетата на изложбите со водич, што веќе две години ја спроведува Музејот на современа уметност, како дел од матинеата во саботите, го зголеми интересот на посетителите за оваа национална установа. На годишно ниво во МСУ доаѓаат меѓу 4 и 5000 посетители, а дополнително има и тури со деца од предучилишна возраст, ученици и студенти. Ова го кажа кустос- водичот Бојана Јанева, која денеска на посетителите им доближи две најнови изложби, поставени во МСУ.
Апсурдите на долгата транзиција низ која минува Косово и неизвесноста што ја наметнуваат сегашноста и иднината во политички, социјален и економски контекст, се претставени на изложбата „ Линија што избледува: Приказни за работ на легалноста“, чиј автор е Албан Муја. Неговите коментари на стварноста, претставени низ фотографии, цртежи, скулптура и видео, кустос- водичот во МСУ, денеска им ги приближи на посетителите.
- Апсудностите кои што ги живееме , кои што ни се секојдневие, со кои што сите се среќаваме. Ова е уметничко око кое што ги забележува и им дава една перспектива , од птичја перспектива, вели Бојана Јанева, кустос- водич во МСУ.
Посетителите се запознаа и со патувачката изложба „ Настан од една нишка: глобални наративи во текстил“, организирана од германскиот Институт за меѓународни односи во културата , во соработка со МСУ. Покрај делата од германски уметници, поставката вклучува творби од македонски автори кои се дел од колекцијата на музејот, од наши современи уметници и од странци кои донирале дела за МСУ, по земјотресот 1963 година. Јанева вели дека делата од текстил во минатото имале третман на применета уметност, без особена уметничка вредност, а денес е поинаку.
- Таписеријата, која што може да се гледа како сликарско и скулптурално дело , кое што има свој ентитет. Самата текстура на друг начин ги привлекува посетителите. Потактилна е, има допири, поинаку прозборува со посетителите, вели Јанева.
А, посетителите без исклучок се согласни дека разгледувањето изложба со водич, нема само едукативен карактер, туку е и влог за регрутирање на идните посетители на музејот.
- Секако дека е подобро со водич да проследите. И некој да ви објасни, отколку нели сами да прошетате. А, имаат шанса и децата како помали да се запознаат со овој тип уметност и да им се доближи. И утре да можат , да знаат сами да ценат и да дојдат, вели жена дојдена со своето дете.
- Многу луѓе немале вакво искуство и не доаѓаат во музеј често. И ова е многу добро за сите. И за малите деца, а има и возрасни, вели една девојка.
- Мислам дека е добро за луѓе кои што на пример не толку често одат во музеј, вели друга девојка.
МСУ веќе две години, во рамките на саботните матинеа, организира тури за посети на изложбите со водич. Со тоа се зголемува интересот за оваа национална установа, која бележи меѓу 4 и 5 000 посетители годишно, вели кустос- водичот Јанева. Но, според неа, ова не е целосната бројка зашто дополнително се организираат тури и со деца од предучилишна возраст, со ученици и студенти.
Сотир Трајков