Вести Македонија

„Вреди“ обвинува дека кандидат Албанец на курсот за армиските волци бил претепан од Македонци: АРМ не утврдило неправилности, но испитува. Кандидатите имаат број на селективниот курс, а не име и националност

(фотографија од архива)Од коалицијата „Вреди“ која е дел од новата владеачка коалиција обвинуваа дека капетан на АРМ, по националност Албанец бил претепан од неговите македонски колеги на селективниот курс за избор на нови припадници на елитната армиска специјална единица „Волци“.

-Бруталното претепување на кандидатот Албанец во баталјонот „Волци“ во АРМ од неговите македонски колеги е ѕвонче за тревога. Овој аларм треба повеќе да ги загрижува албанските кадри во Министерството за одбрана, особено заменик министерот, сега актуелен министер Тирон Јајага, кој мора да објасни зошто се случило тоа и зошто тој дозволил да се дојде до ваква ситуација, тврдат од „Вреди“.

На прашање на Телма, од армијата одговорија дека инцидент бил пријавен од селективниот курс, но по првичните согледувања не утврдиле активности кои се спротивни од одредбите од „Правилникот за начинот на вршење на селекција на активни воени старешини и професионални војници во специјалните единици на Армијата“.

За инцидентот е формирана и комисија во Армијата и одбраната која ќе го истражи случајот, информираат од ГШ на АРМ.

Од друга страна, „Вреди“ не ја спомнува армијата и бара одговорност од политичарите од „Европскиот фронт, воден од ДУИ, кои се уште ги држат позициите во власта, а не реагирале на скандалот.

-Како може ваков скандал да помине без одговорност дури и од техничкиот премиер Талат Џафери и од в.д. министерот за внатрешни работи Назим Буши? Дали е ова некое антиалбанско сценарио подготвено од Владата сега веќе во заминување за да создаваат меѓуетнички тензии? Исто така ги повикуваме и истражните органи што поскоро да го расветлат овој случај и сторителите кои го претепаа албанскиот капетан, да излезат пред правдата, како и да се дозне вистината, кој и зошто го испратил него во Психијатриската болница во Бардовце? Кому му смета напредокот на Албанците во прашањата за државната безбедност и одбрана?, тврдат од „Вреди“,

Поради работа на комисијата која го истражува инцидентот, од ГШ на АРМ не даваат што досега конкретно е откриено со првичните согледувања кои се спротивни на соопштението на „Вреди“. Напоменуваат дека кандидатите на селективниот курс за армиски специјалци не смеат да споделуваат податоци за идентитетот за да се спречи влијание при изборот.

-Пријавените кандидати на 24-дневниот селективен курс од самиот почеток на курсот се водат единствено под број. Нивните персонални  податоци ( чин,  име и презиме, вероисповест, националност и др.) не се познати на ниту на еден од инструкторите кои го спроведуваат курсот, а истото е забрането да ги соопштуваат и кандидатите кои учествуваат на курсот, од причина да нема појави на непотизам и единствен услов да бидат  физичките и ментални способности на кандидатите, велат од АРМ.

Од Армијата велат дека станува збор за тежок курс кој успева да го помине, во најдобар случај,  секој пети кандидат.

-Се работи за ригорозен курс со интензивни тестови за физичка и психичка издржливост кој не се разликува од сличните курсеви во останатите Армии. Дека се работи за селекција која е крајно исцрпувачка, говори податокот дека на досегашните селективни курсеви имало случаи на повредувања и откажувања од психички или физички карактер, при што просекот на персонал кој целосно го завршува овој курс е помеѓу 10 до 20 проценти од кандидатите, откриваат од Армијата.

Елитната единица во Армијата често е под критики зошто нема припадници Албанци и се бара политичко решение преку партиите на Албанците во државата. Во единицата „Волци“ завршуваат оние што ќе го поминат селективниот курс, кој завршува со марш од 100 километри кој кандидатите треба да го изодат со 20 килограми товар и опрема што го носат со себе. Потоа продолжува и обуката која трае 2 години и која во секој момент може да биде прекината.

-За влегување во составот на баталјонот за специјални сили, покрај првичните 24 дена селективен курс издржливост, селекцијата продолжува со фази на  индивидуалната и групна обука (падобранство, базирање и преживување, алпинизам, тактика на мали единици, борба во населено место, специјалистичка обука и други), кооја трае околу 2 години и доколку не се поминат и овие фази кандидатот се враќа во единицата од каде е пријавен, соопштија од АРМ.

Комисијата на Генералштабот сега треба да открие дали капетанот кој го спомнува коалицијата „Вреди“ бил нападнат и претапан и дали причините за инцидентот се меѓуетничка нетрпеливост.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Уште еден „Марш за ангелите“ попладне во Кочани

Дејан Дејан

„Бајач“ од Трубарево измамил брачен пар од Берово за 400.000 евра

Дејан Дејан

Сторија од Преспа: Природата не е депонија!

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе