На Факултетот за драмски уметности во Скопје се одржа завршната презентација на уметничкиот проект ЕТЕРИА, кој започна минатата година, а беше работен во партнерство меѓу Италија, Грција, Македонија и Романија. Преку овој проект , учесниците совладуваа ваштини за невербален театар, кој беше пласиран низ новата форма на видео театар. А, темите кои се обработуваа се колку универзални, толку и актуелни.
Универзални теми како конфликти, граници, миграции, но и женските божества Хеката, Хестија и Мнемосина како заштитнички на бегалците, оживеаја низ завршната презентација на проектот ЕТЕРИА, што се одржа денеска на Факултетот за драмски уметности. Проектот ја афирмира новата форма на видео театар, а режијата ја потпишува Фабио Толедо од Италија, велат од нашиот Центар на ITI при UNESCO.
- Искуствата на мигрирање , на емигрирање од различни причини е долговековна , практично епохална тема, што повторно се реактуелизира и се актуелизира, кажа Иванка Апостолова- Баскар, раководител на Македонскиот центар на Интернационалниот театарски институт при УНЕСКО.
Проектот ЕТЕРИА, кој што започна лани, е инициран од Италијанскиот центар на Интернационалниот театарски институт при УНЕСКО и од театарот Астрагали. Во проектот беа вклучени 30 изведувачи од Европа и пошироко. Меѓу нив беа и нашите актери: Филарета Атанасова, Симона Спировска, Наташа Петровиќ и Здравко Стојмиров, кои требале да го совладаат невербалниот театарски израз.
- На почетокот изразито драмските актерки, научени на говорен театар имаа малку проблем да го прибијат ледот. Меѓутоа во моментот кога успеаја , зашто методолошкиот процес, процесот на пракса и вежби овозможува вие да се отворите, кажа Апостолова- Баскар.
Проектот беше технички и просторно поддржан од ФДУ.
- Ние како факултет стремиме да бидеме отворени кон сите. Особено кон ITI, затоа што ITI е една значајна организација за сите нас . И не само кон ITI , туку кон секој еден кој што има да покаже нешто ново, нешто интересно, што би било важно за нашите студенти, кажа Бесфорт Идризи- декан на ФДУ во Скопје.
Освен Италија, проектот ЕТЕРИА се реализира во партнерство меѓу Македонија, Грција и Романија. За нашиот дел, покрај Министерство за култура, средствата беа обезбедени преку проектот „ Креативна Европа“.
Сотир Трајков