Во среда, во Младинскиот културен центар ќе започне шестото издание на меѓународниот фестивал за литература и илустрации за деца „ Литера“. Организаторите најавија богата програма со новитети, не само за децата, туку и за младинците и за возрасните. Земја во фокусот е Турција, а ќе се одржи и трибина за можностите, македонската литература за деца да се пласира во странство.
Младинскиот културен центар ќе биде местото каде од 15 до 18 мај, ќе се одржи шестото издание на „ Литера “, меѓународниот фестивал за литература и илустрации за деца. Годинава фестивалот има богата програма за различни возрасти, а земја во фокусот е Турција. Од таму ќе дојдат тројца илустратори и писателката за деца и издавачка, Зејнеп Севде Паксу, чија книга „ Коалата што не можеше да заспие“ е преведена и објавена кај нас.
Од тројцата автори, изложби ќе се направат на Серхат Албамја, Гизем Учар и на Мурат Калкаван. А, со авторката Зејнеп ќе имаме разговор. Исто така , новитет од минатата година е на добитниците на наградата „ Литера“ за илустрација , фестивалот како организатор да застане зад нивната изложба, кажа Софија Семенпеева Трајановска, директорка на фестивалот Литера.
Тоа годинава се однесува на уметницата Наташа Андонова, која лани ја освои наградата за илустрација и доби можност да го направи плакатот за годинашното фестивалско издание . Друга новина е одржувањето на саем за литература за деца и млади, а трет новитет е интернационалното биенале за илустрација. На програмата се и повеќе бесплатни работилници и средби со деца, средношколци и студенти, од страна на странските и домашните писатели и илустратори, учесници.
Сакаме да создадеме една генерација што ќе биде свесна за тоа што значи култура, што значи уметност, кажа Александра Тодоровиќ, лице за односи со јавност на „ Литера“.
Мотото на фестивалот е „ Заедно летаме“, а тоа најмногу се однесува на трибината, на која ќе се зборува за можностите за пласман на домашната литература за деца, во странство. Во придружната програмата, актерката Ангела Стојановска ќе одржи интерактивна игра со родители. А, на крајот стручните жирија ќе доделат награди во 4 категории: за најдобра илустрација, комплетно дело, текст и за иновативно издание.
Сотир Трајков