Со мотото „5.353 денови до правда“ денеска се одржа шеснаесетиот марш на црвените чадори, во пресрет на меѓународниот ден за стоп на насилството врз сексуалните работнички. Барајќи еднаков третман и уживање на правата како и сите други луѓе, тие се потсетија на полициската рација пред 15 години кога 23 секусални работнички беа уапсени и држени во полициска станица цела ноќ. За нехуманите услови тогаш раскажаа и тие лично.
Цела ноќ не држеа во станица и ни кажаа ајде извадете се што имате од џепови. Ние немавме ништо, јас им кажав само таблети носам. Многу лошо се чуствувавме. Тука урниравме, тука повраќавме, тука се правевме, вели една сексуална работничка.
Тринаесет од нив собраа храброст и поднесоа тужба во Основниот суд. Оттаму пресудија во нивна корист две години по рацијата, но Апелациониот суд двапати ја враќаше пресудата, со што вториот пат одлучи во нивна штета. Четири од нив правдата продолжија да ја бараат до Европскиот суд за човекови прави и конечно оваа година ја добија. Државата треба да им исплати по 3.300 евра поради прекршување на нивните права од страна на институциите.
Со оваа пресуда испраќаме порака до националните институции и судовите дека во демократска држава сите се еднакви пред законите и уставот и правата на сите граѓани мора подеднакво да се почитуваат и заштитуваат, вели Хајди Штерјова Симоновиќ, извршна директорка на здружение ХОПС.
Сексуалните работнички истакнаа дека на овој марш се чуствуваат горди затоа што правдата може е бавна, но постои и може да биде задоволена.
Традиционално, маршот почна од пред Спомен-куќата на Мајка Тереза на улица Македонија и завршии на плоштадот Филип Втори.
Тамара Марковска