Опозициските албански партии да не сонуваат дека ќе можат да ги победат ДУИ, им порача Али Ахмети вечерва. Во говорот на промовирањето на секретаријатите на чаирскиот огранок, рече дека од самото основање има обиди да згасне оваа партија, но никому не му успеало. Не пропушти да го спомне екс премиерот Заев за кого рече дека научил само еден албански збор, а тоа е „ДУИ во опозиција„, но и тоа му било џабе. Смета дека нема потреба од повеќе партии на Албанците, но не им се плаши на здружената опозиција која денеска формираше и пратеничка група.
Ахмети најавува заедничка алијанса за Европа, за што разговараат со ДПА,Партија на народот, Партија за европска иднина и Алијанса за Албанците. Негира дека на Таравари му е понудено да биде технички премиер пред изборите и ја отфрла можноста таа функција да ја преземе актуелниот вицепремиер, Фатмир Битиќи, велејќи дека нема да биде лице надвор од ДУИ. Што се однесува за можноста за заеднички кандидат со СДСМ за претседателските избори, вели дека сите опции се отворени.
Опциите се отворени и за новата пратеничка група, која се формираше денеска и сега брои шест члена. И овој сојуз, Европски сојуз за промени, ја има Европа во името и се подготвени за нови проширувања и конструктивност во пресрет на изборите.
Од ова акоалиција ќе учествуваат во работната група која ќе треба да го одреди датумот за избори.Во собранието и денеска на координација Џафери ги предочил можните датуми за кои партиите во наредниот период ќе мора да седнат и да се договорат, а доколку тоа не се случи, најави дека самиот ќе одлучи.
Далиборка Демјанска
