Вести Најважни Свет

Египет и Јордан бараат безусловен прекин на огнот, САД тврдат дека на тој начин Хамас ќе се прегрупира

Министрите за надворешни работи на Јордан и Египет, Ајман Сафади и Самех Шукри на средбата со американскиот државен секретар Ентони Блинкен во Аман апелираа за моментален прекин на огнот помеѓу Израел и Хамас без никакво условување. Но, Блинкен истакна дека САД не ги поддржува нивните барања.

„Примирјето едноставно ќе го остави Хамас на власт, способен да се прегрупира и да го повтори она што го направи на 7 октомври“, наведе Блинкен.

Тој го повтори ставот на САД дека Израел има право на одбрана но Хамас, но оти мора да се преземат сите мерки за да се спречат цивилни жртви. Блинкен истакна дека Вашингтон верува оти сите напори ќе бидат олеснети ако постојат краткотрајни хуманитарни примирја.

Додека шефот на египетската дипломатија Шукри предупреди на двојни стандарди.

„Не треба да има осуда на таргетирањето на цивили и кршењето на меѓународното хуманитарно право што не се применува на ист начин кога станува збор за палестинското прашање … како арапската крв да е помалку важна од крвта на другите луѓе“, истакна Шукри.

Јорданскиот министер за надворешни работи Сафади истакна дека војната помеѓу Израел и Хамас ќе предизвика уште поголемо страдање за Израелците и Палестинците.

„Ова ќе нè втурне во бездната на омразата и дехуманизацијата“, истакна Сафади.

Дипломатски советник на претседателот на Обединетите Арапски Емирати на средбата во Аман изјави дека најновиот конфликт во Појасот Газа покажува дека израелската политика на сузбивање е неуспешна и оти САД треба да инсистираат на брз прекин на конфликтот и на нова стратегија.

Додека шефот на катарската дипломатија шеик Мохамед бин Абдулрахман Ал Тани на средбата со Блинкен посочи дека постојаното бомбардирање на Појасот Газа ги отежнува напорите за посредување за ослободување на заложниците кои ги држи Хамас.

„Ал Тани ги потврди континуираните напори на државата Катар да посредува во ослободувањето на затворениците, посочувајќи дека континуираното бомбардирање ја удвојува хуманитарната катастрофа во Појасот Газа и го отежнува нивното ослободување“, се наведува во соопштението на катарското МНР.

Катар минатиот месец посредуваше во разговорите што резултираа со ослободување на две различни групи заложници.

Министрите за надворешни работи на Јордан, Египет, Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати и Катар денеска во Аман имаа средба со Блинкен, еден ден откако тој го посети Израел. Американскиот државен секретар од утре ќе биде во дводневна посета на Турција како дел од блискоисточната турнеја во време на војната меѓу Хамас и Израел.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Одложено судењето на Нетанјаху поради дипломатски и безбедносни причини

Дејан Дејан

Орбан го обвини Брисел за „одвратната“ Парада на гордоста во Будимпешта

Дејан Дејан

Рекордно високи температури во Шпанија

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе