9 –годишно дете, одземено од родителите во Кочани, за да не питачи по кочанските улици, сега бара милостина по скопските. Додека неговите другарчиња си играат во паркот, тој седи на крстосница и моли за пари.Оставен без никаков надзор,грижа или милост, соседите го гледаат и во зима на улица. Раскажуваат дека, минатата зима бил 4 часа надвор со температура, но немало кој од одговорните да го прибере.Полицијата кревала раце затоа што старателот му е во Кочани. Под влијание на поголемите деца без родителска грижа,редовно бега од училиште, а три дена е баран и со полиција.Станува насилен со соучениците, но и за ова никој не сноси одговорност.Соседите на малиот групен дом, каде е сместен велат дека децата таму се оставени сами на себе.
Побаравме одговори од нив, зошто е тоа така, но кусо ни одговорија дека прават се што е во нивна моќ. Таму се сместени седум деца. Од министерството за труд и социјална политика тврдат дека, во сите домови е организирана 24 часовна грижа за децата од страна на лица со стручни образовни профили и редовно одат на училиште.
-
Во случајот за малолетното лице кое го спомнувате, од страна на установата се преземени конкретни чекори од самиот почеток на сместување. Детето е вклучено во редовен образовен процес, здравствена заштита, се работи на неговото превоспитување, имајќи предвид дека претходно се нотира од органот за старателство проблемот со питачење. Неговото движење е контролирано 24 часа од страна на стручните работници на смена. Самоволните напуштања на домот кои што детето ги бележи во последните неколку месеци од страна на стручните работници во установата се уредно пријавувани до полициска станица, соопштија од Министерство за труд и социјална политика.
Што се однесува до одговорноста од министерството тврдат дека одговорен е старателот кој е во Кочани затоа што детето е таму родено.
Ова не е единствениот проблематичен случај од групните домови. За низа други примери говори извештајот на народниот правобранител.
-
Во одредени средини, да, има проблеми, има злоупотреби со овие деца и ние честопати се обраќаме до Центрите за социјална работа, министерството за труд, но и до другите органи кои постапуваат за елиминирање, вели омбудсманот Насер Зибери.
Малите групни домови беа формирани пред неколку години од поранешната министерка за труд и социјална политика Мила Царовска која ги промовираше како институции кои треба да пружат грижа подобра од домовите за деца без родители.
Тамара Марковска